Обраќање по повод доделувањето на признанието „Инженерски прстен 2016“
Monday, 20 June 2016 17:59   
There are no translations available.

ip1Почитувани студенти,
Почитувани гости,
Дами и господа,

„Секоја доволно напредна технологија е еднаква на магија", рече големиот Артур Кларк. Но технологијата за која зборува Кларк не е случајност туку е резултат на темелно образование, многу труд, макотрпна работа, креативност и посветеност. Вие како инженери, како најдобри студенти од техничките факултети ја имате моќта да го менувате светот и реалноста. Тоа е несомнено голема одговорност, храброст, истрајност но и етичка големина.

Интензивирањето на инвестирањето во инженерското образование полека но сигурно почнува да ги покажува очекуваните резултати. Новоформираните факултети од инженерските струки веќе ги продуцираа првите кадри кои ќе бидат носители на инженерството во нашата држава. Вие сте дел од тие кадри кои ќе треба и практично да докажат дека вложувањето во инженерското образование е висински потег. Верувам дека допрва кога ќе започнете своето знаење да го користите во професионалната кариера до израз ќе дојдат сите ваши квалитети и акумулирано знаење.

Драги студенти,

Како Претседател на Република Македонија и како универзитетски професор би сакал да ви пренесам една порака која ја повторувам на сите генерации добитници на инженерскиот прстен. Немојте никогаш да престанете да се усовршувате и да ги применувате своите знаења и креативни потенцијали. Нека не постои ограничување кое не може да го надминете.

Денеска, кога се наоѓаме над нашето езеро, сакам да ве охрабрам да запливате во океанот на технологијата. Таму, во глобалниот свет на постојани иновации и технолошки решенија вие ќе се натпреварувате со најпосветените, најработливите, најкреативните. Во тој натпревар вие ќе стекнете искуство и самодоверба. Вербата во себе, волјата, посветеноста ќе ви помогнат да го најдете своето место во инженерските науки за да придонесете за себе, но и за својата заедница, за својата држава.

Имајќи предвид дека веќе две години сте вмрежени во Алумни-асоцијацијата на добитниците на „Инженерски прстен" ве поттикнувам да го користете искуството од постарите колеги, да си помагате и да се мотивирате.

Од се срце ви посакувам да бидете предводници на човечкиот потенцијал кој ќе придонесе во развојот на нашата земја. Дозволете ми на самиот крај да ви честитам вам, добитници на годинешното признание „Инженерски прстен", на вашите професори, но и на вашите родители.

Ви благодарам.

ip2

  Back<<Назад