Доделување на стипендии „Борис Трајковски“ за постдипломски студии на бизнис-администрација на Сити колеџ во Солун
Friday, 24 December 2010 00:00   
There are no translations available.


Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на свеченото доделување на стипендиите “Борис Трајковски” на 20 најдобри студенти за вонредни, двегодишни постдипломски студии на Програмата за бизнис администрација на Факултетот за меѓународни студии од Сити колеџот во Солун, дел од Универзитетот Шефилд од Велика Британија.

Почитувана госпоѓа Вилма Трајковска,
Почитуван министер Тодоров,
Почитувани стипендисти,
Дами и господа,

Ми претставува големо задоволство да ги врачам стипендиите кои го носат името на покојниот претседател Трајковски, човекот кој својот живот го посвети на градењето мостови на разбирање меѓу луѓето. Преку стипендииве го продолжуваме неговото дело, градење на мостови на соработка.

Задоволството е дотолку поголемо бидејќи стипендиите ви ги доделуваме токму вам, најдобрите. При селекцијата вие ги исполнивте нашите високи критериуми. Затоа, сакам да знаете дека сите ние имаме високи очекувања од вас, за кои верувам дека ќе ги исполните доколку работите посветено, со искрена желба и цврста волја.


Почитувани,


Свесни сме дека човековиот ум е наш најзначаен ресурс. Затоа, градењето на квалитетни, високо образувани кадри секогаш е најисплатлива инвестиција. Денес, повеќе од кога било, на Македонија и се потребни лидери во областа на бизнис администрацијата, менаџментот, маркетингот и финансиите. Поради тоа, инвестираме во вас со цврсто уверување дека ќе бидете добри претприемачи и менаџери, со успешна кариера, но и со одговорност кон општеството. Вашите идни успеси ќе бидат добар знак за успешноста на целото македонско општество.

Сакам да нагласам дека ви се дава одлична можност знаењето, вештините и идеите да ги надградите на еден престижен универзитет, СИТИ Колеџот од Солун при Универзитетот Шефилд од Велика Британија.

На вас останува, водени од јасни визии, да превземате иницијативи и посветено да работите на нивно остварување.

Завршувајќи со оваа мисла, дозволете ми сега да ви ги врачам стипендиите, како наш влог во заедничкото подобро утре.

  Back<<Назад