|
There are no translations available.
Почитуван Премиер на Унгарија, господине Орбан, Ценети екселенции, Дами и господа, Драги пријатели,
Постојат две причини поради кои денешниот ден, 5 декември, влегува во историјата на Република Македонија.
Пред точно две години, Меѓународниот суд на правдата пресуди дека Грција ја прекршила својата обврска да не се противи на приемот на Македонија во НАТО. Со тоа, Република Македонија извојува голема правна и морална победа. Правдата, за жал, сè уште не е задоволена. Сè уште трпеливо чекаме да се испочитува пресудата на највисокиот светски правен авторитет.
Поради ова, некои ни замеруваат за неоснована вера во меѓународното право и во владеењето на правото, дури и во меѓународните односи. Сепак, принципиелноста на многу држави во светот ни дава надеж дека силата на меѓународното право и на владеењето на правото ќе надвладее над правото на силата. Држави, кои се наши пријатели, кои нè разбираат, нè охрабруваат и нè поддржуваат. Пријатели кои исправно го разбраа човековото право на самоидентификација и правото на човечко достоинство.
Тука доаѓаме и до втората причина поради која 5 декември ќе биде врежан во поновата македонска историја. Денес, Република Македонија јавно му се заблагодарува на својот голем пријател и поддржувач, премиерот на Унгарија, господинот Виктор Орбан. Му се заблагодарува со симболот на својата независност – Орденот „8 Септември".
Во време кога бевме обесхрабрувани, господинот Орбан недвосмислено изјави дека „местото на Македонија е во Европската унија и земјата заслужува да стане нејзина членка". Нема да ги заборавиме неговите зборови на поддршка во време кога Унгарија претседаваше со Европската унија, велејќи: „Интересите на Европската унија се Македонија час поскоро да стане член на Унијата и затоа сметам дека преговорите треба да започнат час поскоро".
Господинот Орбан кон зборовите придодаде и дела. Благодарни сме му за Меморандумот за Западниот Балкан што, во својство на претседавач со Европската унија, го прати до земјите-членки и на раководството на Унијата. Меморандум во кој недвосмислено бара од Унијата веднаш да ги започне пристапните преговори со Македонија, држејќи ја притоа билатералната разлика одвоена од преговорите за членство.
Континуирано и доследно, премиерот Виктор Орбан останува да биде глас на безгласните и застапник на обесправените. За тоа сме му навистина благодарни.
Ценети присутни,
Поддршката од премиерот Орбан претставува продолжение на долга традиција на заемно почитување меѓу пријателските народи и држави.
Наредната година ќе славиме две децении од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Унгарија. Односи што ја одразуваат богатата историја на меѓусебното пријателство. Од средновековниот унгарски принц и македонски крал Петар Делјан, па сè до македонските преродбеници кои пред два века во Будим ги печатеа првите учебници со кои го просветуваа македонскиот народ. Пријателство зацврстено пред 70 години, кога Унгарија ги отвори вратите за македонските деца-бегалци од Граѓанската војна во Грција, и им стана втор дом на бездомните и прибежиште на прогонетите.
Дами и господа,
Поддршката, пријателството и солидарноста во односите меѓу Унгарија и Македонија треба да бидат пример за тоа како една земја-членка на Европската унија треба да се однесува кон земја-кандидат. Во очекување на декемврискиот состанок на Европскиот совет, сакаме да веруваме дека петтиот позитивен извештај на Европската комисија за Македонија конечно ќе биде прифатен и дека Унијата ќе го оправда сопствениот кредибилитет. Бараме и очекуваме еднаков третман кон сите земји-кандидати. Бараме и очекуваме билатералните прашања да не го попречуваат интегративниот процес и да се следат позитивните примери.
Независно од исходот на декемврискиот совет, знаеме дека во Унијата имаме пријатели што сакаат да ја видат Македонија во европското семејство. Пријатели како премиерот Орбан, Унгарија и унгарскиот народ. Затоа, на самиот крај, уште еднаш, во името на Република Македонија и македонските граѓани и во мое лично име, Ви благодарам, господине Премиер, за континуираната и сесрдната поддршка што ни ја давате за остварување на сонот за европска и евроатлантска Република Македонија. Ве молам ова признание да го чувствувате како израз на благодарност кон Вас лично, но и кон многуте претходни унгарски државници и кон пријателскиот унгарски народ.
Ви благодарам.

|