Обраќање по повод отворањето на 53. издание на фестивалот „Охридско лето“
Friday, 12 July 2013 22:20   
There are no translations available.

ohleto1Почитувани вљубеници во уметноста,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Ми претставува особено задоволство да ве поздравам вечерва во Охрид. Во амбиент каде минатото и сегашноста се испреплетени, овозможувајќи ни барем за миг да го почувствуваме безвременото. Тој миг трае веќе 53 години. Тој миг е нашето „Охридско лето".


Ценети присутни,

Велат, уметноста е одраз на човековата душа. И додека човекот го користи огледалото за да го види сопствениот физички одраз, ја користи уметноста за да ѕирне во душата.

Фестивалот „Охридско лето" е токму она големо културно и духовно огледало што ни помага да проникнеме во длабоката уметничка душа на Македонија, Европа и светот. Ни помага да уживаме во ариите на Верди, Бизе и Глинка, во мислите на Молиер, Шекспир и Достоевски. Ни овозможува да се збогатиме со старите, докажани, но и врвните современи музичко-сценски и драмски остварувања.

Како домаќин на десетина илјади учесници од повеќе од 50 земји, „Охридско лето" е фестивал на отвореност, поврзување и споделување. Отвореност на Република Македонија кон уметничкото, различното и несекојдневното. Поврзување на Македонија и светот, на врвните уметници и верната публика. Споделување на љубовта кон музиката, драмата и танцот.

Токму затоа, вистинска чест е, како претседател на Република Македонија, да бидам и покровител на фестивалот што е најзначаен израз, афирматор и промотор на македонската посветеност кон овие универзални вредности.


Драги вљубеници во уметноста,

„Музиката е универзалниот јазик на човештвото." Таа зборува, онаму каде што и зборот потфрлува. Со таа мисла, на самиот крај, во исчекување на изведбата на познатиот руски баритон Дмитриј Хворостовски и хорот и оркестарот на Македонската опера и балет, го прогласувам годинешниот фестивал „Охридско лето" за отворен!


Ви благодарам.

ohleto2

  Back<<Назад