Обраќање на Претседателот Иванов на македонско-чешкиот бизнис форум
Tuesday, 22 June 2010 00:00   
There are no translations available.

Претседателе Клаус,
Почитувани дами и господа,
Почитувани стопанственици,
Дозволете ми да го изразам моето задоволство од одржувањето на овој многу значаен Бизнис форум како и да го поздравам потпишувањето на спогодбата за основање на Македонско - Чешки Бизнис Совет,  чија цел е унапредување на економската соработка меѓу нашите две земји. Искрено се надевам дека истите ќе ги исполнат очекувањата на бизнис заедниците на двете држави.
Република Македонија и Чешката Република имаат традиционално добри пријателски односи, силна историска и културна  поврзаност. Граѓаните на двете земји, бизнис заедниците на двете земји, се тие кои треба да профитираат и да ги искористат овие поволни односи. Впрочем, вчера со претседателот Клаус разговаравме и заемно констатиравме дека фокусот на нашето внимание во наредниот период треба да се сконцентрира на интензивирање на економската соработка.
Почитувани,
Најдобар и најефикасен начин за интензивирање на економската соработка меѓу Македонија и Чешка е преку директно поврзување и директни контакти на стопанствениците на двете земји. Вие сте тие кои најдобро ги знаете можностите за соработка, вие сте тие кои можете да го пронајдете сопствениот интерес за соработка. А ние сме тука, не само да ве охрабриме, туку во рамките на нашите можности и надлежности да помогнеме. Затоа, на денешниот настан гледам како извонредна можност. Овој форум воедно, претставува продолжување и продлабочување на меѓусебните  средби на бизнис заедниците на двете земји започнати во Прага во февруари о.г. за време на посетата на Премиерот Груевски  на Чешка Република.
Драги учесници,
За жал остварените резултати од меѓусебната трговска размена покажуваат видливо намалување кое најверојатно е одраз на светската економска криза која остави белег на сите светски економии вклучувајќи ги и економиите на нашите две земји. Согласно податоците кои ги добив, во 2009 година, вкупната трговска размена на Македонија со Чешката Република изнесува околу 61 милиони долари, со намалување од околу 23% во споредба со 2008 г. Дефицитот на Република Македонија со Чешката Република за 2009 година изнесува околу 42 милиони долари.
Сакам да нагласам дека во услови на економска криза, покрај мерките што ги преземаат Владите, неопходно е интензивирање на соработката помеѓу земјите, како на меѓувладино ниво, така и на ниво на стопански комори и компании, а сé во интерес на натамошно продлабочување на меѓусебната економска соработка.
Почитувани,
Нема да ви одземам многу време, кое за вас е особено значајно бидејќи нели времето е пари. Цврсто сум убеден дека денешната средба ќе помогне во информирањето на потенцијалните инвеститори за економската состојба во Република Македонија, за економските политики и можностите за инвестирање, за успесите на Владата на Македонија во креирањето на поволен бизнис амбиент.
Во исто време ги повикувам чешките бизнисмени  да ги искористат  компаративните предности на Македонија при реализација на нивните бизнис планови. Јас, како и Владата сме подготвени да излеземе во пресрет и да ја обезбедиме неопходната поддршка за реализација на вашите инвестиции.
Се надевам, овој бизнис форум ќе вроди со плод и конкретни зделки.
Ви посакувам успешна работа.

  Back<<Назад