|
There are no translations available.

Почитувани, Денес имаме задоволство срдечно да пречекаме еден вистински реформатор, признат демократ и голем пријател на Република Македонија, Претседателот на Чешката Република д-р Вацлав Клаус. Македонија и Чешка имаат вековно пријателство. Како независни држави, Чешка и Македонија градат соработка заснована врз искреност, меѓусебното разбирање и меѓусебно почитување. Нашите политички и економски односи се движат по нагорна линија. Нашите државни раководства имаат чести и плодотворни средби. Чешката Република принципиелно ги поддржува македонските евроинтеграциски приоритети, кои произлегуваат од разбирањето на припадноста кон заедничкиот комплекс на вредности, кон заедничкиот европски простор. Почитувани, Чешката Република за Македонија е пример на успешно спроведување на реформите кои се неопходни за напредок и за просперитетна иднина. Тука Претседателот Клаус е и лично заслужен. Македонија учи и применува од чешкото искуство во реформирањето на својот општествен систем, од примерот како индустриското срце на средна Европа беше обновено со модерните технологии и како се гради економијата на 21 век. Го поздравувам одржувањето на македонско-чешкиот бизнис форум и формирањето на македонско-чешкиот бизнис совет. Верувам дека тоа е правиот чекор кој ни е неопходен за подобро запознавање на можностите за развивање на економската соработка. Верувам дека тоа ќе даде резултати, а со претседателот Клаус се договоривме во периодот што следи фокусот на соработката меѓу двете земји да биде токму на економскиот сегмент во нашите односи. Почитувани, Македонија високо го цени чешкиот придонес во Европската Унија и во НАТО. Задоволни сме што токму државјанин на Чешката Република, кој одлично ја познава и ја разбира потребата од натамошно проширување и отворање на Европската Унија, го води овој важен ресор во Европската Комисија. Проектот на проширувањето на Унијата, е всушност и клучниот показател за успешноста на Унијата. Систем кој е успешен, природно има потреба да се шири и позитивно да влијае врз своето соседство. За еден проект да биде успешен тој мора да даде одговори на сите добронамерни критики и забелешки, да наоѓа нови и креативни решенија на проблемите кои се јавуваат. Претседателот Клаус е познат не само по одговорите кои ги нуди, туку и по прашањата кои ги поставува, прашања чие отворање понекогаш бара исклучителна политичка храброст и сила. Со таа мисла, Претседателе Клаус, дозволете уште еднаш да ви посакам добредојде во Македонија и да ви дадам збор.
|