Честитка по повод 23 Oктомври - Ден на македонската револуционерна борба
Sunday, 23 October 2011 13:07   
There are no translations available.

alt

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на државниот празник 23 Oктомври - Ден на македонската револуционерна борба упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

 

Почитувани граѓани,

 

Денешниот празник, Денот на македонската револуционерна борба, го одбележуваме на 20-годишнината од исполнувањето на целта почната во Солун 1893 година, со формирањето на Внатрешната македонска револуционерна организација. Денеска го одбележуваме споменот на еден исклучително важен чекор на патот кон формирањето на модерната македонска држава.

 

23 Октомври е ден кога група видни и истакнати Македонци даваат збор дека ќе ја поведат својата татковина по патот на другите европски народи. Дека ќе го искористат најпозитивното од револуциите и движењата кои ја менуваат Европа, со цел да изградат напредна и почитувана македонска држава. Патот на кој нè поведоа шесттемина основачи на ВМРО не беше ниту лесен, ниту брз. Тој пат е омеѓен со големиот број лични жртви и национални трагедии кои македонскиот народ ги претрпе. Сè уште не можеме да кажеме дека во целост  сме пристигнати до крајот на патот, Македонија денес е независна и слободна држава, но сè уште мораме да чекориме напред до заземањето на полноправното и рамноправно место покрај другите европски држави.

 

Притоа, можеме да бидеме горди што борбата за слобода и независност на македонскиот народ е испреплетена со почитувањето на највисоките принципи и идеали на демократијата. Македонската револуционерна борба во своите врвни документи и во сите свои постапки ја внесува почитта кон своите соседи и сограѓани од сите религии и етнички заедници. Македонија е уникатен пример на Балканот, кога борбата за слобода од самиот почеток се поврзува со слободата на сите луѓе кои живеат во Македонија.

 

Почитувани сограѓани, нека ни е честит празникот!

Да живее Република Македонија!

 

Д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад