Средба со заменик-претседателот на Владата на Република Турција, Булент Аринч
Tuesday, 18 October 2011 13:24   
There are no translations available.

altПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со заменик-претседателот на Владата на Република Турција, Булент Аринч кој престојува во Македонија по повод одржувањето на седмиот Меѓународен конгрес за Ататурк што се одржува под покровителство на претседателите на Република Македонија и на Република Турција.

Заменик-претседателот на Владата на Република Турција, пренесувајќи срдечни поздрави од претседателот Ѓул и премиерот Ердоган до претседателот Иванов и македонските граѓани, изрази задоволство што двајцата претседатели се покровители на Конгресот посветен на животот и делото на Мустафа Кемал Ататурк, кој за првпат се одржува надвор од Република Турција со учество на повеќе од 200 научници од сите страни на светот.

Претседателот Иванов истакна дека одржувањето на овој конгрес во нашата земја е потврда за вниманието и односот на Република Турција кон Република Македонија и подвлече дека научното толкување на историските, општествените, културните и економските односи меѓу Турција, Македонија и Балканот во контекст на минатото, сегашноста и иднината, е од особена важност за зближување и унапредување на меѓусебните односи на сите балкански држави.

Двајцата соговорници ги потврдија одличните политички односи меѓу двете земји и изразија задоволство што интересот на турските инвеститори во Македонија се зголемува. Заменик-премиерот Аринч подвлече дека во следниот период ќе продолжи да се зголемува трговската размена која не е на ниво на политичките односи, и ќе продолжат турските инвестиции. Истакна дека Република Македонија секогаш може да смета на безусловна поддршка од Република Турција. Претседателот Иванов изрази задоволство од нивото на турски инвестиции во Македонија и во регионот, како и од најавите за натамошно ширење на оваа соработка. Македонскиот претседател се заблагодари за доследната и конструктивна поддршка на Република Турција, и за солидарноста со Република Македонија во рамките на евроатлантските интеграции.

На средбата беа разменети мислења за состојбите во регионот и на интерес на соговорникот од Турција беа разменети информации за очекувањата од македонска страна за Самитот на НАТО во Чикаго и за претстојната пресуда на Меѓународниот суд на правдата.
 

  Back<<Назад