| Средба со Емирот на Катар: потпишаните договори ќе ја зголемат соработката | |
|
|
There are no translations available.
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска оствари средба со Емирот на Катар, Неговото Височество Шеик Хамад Бин Калифа Ал Тани кој престојува во дводневна официјална посета на Република Македонија.
На средбата беше изразено задоволство од блиските билатерални односи меѓу двете држави и беа разгледани можности за натамошно интензивирање на соработката во повеќе сфери. Македонскиот претседател и Емирот на Катар ја искористија можноста за размена на мислења за состојбите во регионите на Југоисточна Европа и на Блискиот Исток. Емирот за наредниот период најави отворање на амбасада на Државата Катар во Република Македонија, чин за кој беше оценето дека многу позитивно ќе се одрази на развојот на билатералната соработка.
Двајцата соговорници со задоволство заклучија дека, со денес потпишаните билатерални договори, сериозно унапредената правна рамка помеѓу државите ќе отвори нови перспективи за интензивирање на соработката, особено на економски план, како и на планот на образованието, културата, и во сите останати сфери.
На средбата беа разгледани можностите за привлекување на катарските инвестиции во Република Македонија. На Eмирот на Државата Катар му беа презентирани поволностите кои ги нуди Република Македонија за странските инвеститори. Особено беа разгледани секторите енергетика, финансискиот сектор, туризмот, производството на храна и на вода. Беа разгледувани можностите за вклучување на градежната оператива на Република Македонија во претстојните крупни проекти планирани во Државата Катар.
На средбата на Претседателот и Емирот беше договорено по посетата, тимови на владино ниво да ги разгледаат постојните проекти, а катарската страна најави дека освен постојните, сите предлози кои македонската страна ќе ги отвори ќе бидат сериозно разгледани. |












