|
There are no translations available.
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во својот Кабинет прими гимназиска група од 23 ученици од Меѓународното училиште НОВА, кои во текот на изминатата година интензивно работеа на истражувачки проект фокусиран на спорот за името меѓу Република Македонија и јужниот сосед, Грција.
Нивното истражување е реализирано во соработка со Институтот Њускуп при Универзитетот Харвард и опфаќа историски, социолошки, економски и меѓународно-политички аспекти, внимателно анализирајќи ги позициите и на двете земји.
Претседателот Иванов ја поздрави оваа иницијатива која има за цел да го поттикне истражувачкиот дух на младите во однос на општетствено-политички актуелни теми, изразувајќи поддршка кон напорите да се користат истражувачките техники во образованието со кои ќе им се овозможи на учениците да развијат информирани ставови, конструктивен дискурс и поголемо меѓусебно разбирање.
„Имав прилика да разговарам со исклучително интелигентна и мотивирана група млади луѓе и да ги чујам нивните ставови во однос на овој комплексен и деликатен билатерален спор со кој ние, како држава, се соочуваме веќе две децении. Сметам дека е особено важно да се поттикнуваат младите да размислуваат и донесуваат заклучоци засновани на аргументи, да спроведуваат сестрани истражувања при анализа на кој било феномен или појава. Навистина ме воодушеви нивната посветеност во овој истражувачки проект, но и издржаната и продуктивна дискусија која ја имав со нив,“ рече Претседателот д-р Ѓорге Иванов.
Средбата со Претседателот Иванов претставува заокружување на нивните истражувачки напори, награда за нивниот труд и можност нивните размислувања и ставови да ги образложат пред Шефот на државата, воедно и универзитетски професор во сферата на политичките науки.
„Спорот беше предмет на интересирање на оваа група од НОВА веќе цела една година. Групата годинава изучува новинарство и компаративна политика, ни доаѓа од 6 земји од соседството и подалеку, но и ги содржи сите поголеми етникуми од Република Македонија. Во претходниот период многу сплотено и искрено се интересираа за спорот со името, процес кој што кулминира денес, преку оваа средба на Претседателот Иванов со учениците,“ истакна Директорот на Меѓународното средно училиште НОВА и професор по економски науки, Виктор Новаковски кој активно го потпомогна истражувачкиот процес на младите ентузијасти вклучени во овој проект.
Краткиот документарен филм кој ќе произлезе како финален резултат на истражувачкиот процес, ќе биде објавен на веб-страната на Институтот Њускуп при Универзитетот Харвард.
|