Честитка по повод големиот христијански празник Богојавление - Водици
Thursday, 19 January 2017 08:40   
There are no translations available.

PRMportretПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Богојавление - Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и до сите православни верници.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архиjерејски синод и на целото свештенство и монаштво, да Ви го честитам големиот христијански празник Богојавление - Водици и да Ви посакам да го поминете во добро здравје и во многу радост.

Претстојниот празник и годинава ќе нè потсети на значењето на светата тајна на крштевањето како еден од столбовите на христијанството. Славејќи го крштевањето на Господ Исус Христос, да го прославиме и нашето духовно раѓање и да ја потврдиме нашата вера. Токму на Богојавление - Водици да ги зацврстиме основите на нашето верување и да продолжиме со почитување и со залагање за христијанските начела за мир, заедништво и слога.

На денот кога ги осветуваме нашите води, најискрено посакувам во нашите срца да се вселат хармонијата и разбирањето, трпението и милосрдието. Во духот на овој голем празник да го поттикнуваме најдоброто во нас и најдоброто кај нашите ближни и кај нашите сограѓани, независно од нивната етничка, верска, јазична и идеолошка припадност. Само така ќе чекориме кон остварување на заедничките цели за успешна и просперитетна Република Македонија.

Нека ни е честит и вековит големиот христијански празник!

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад