|
There are no translations available.
 Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Индонезија, со седиште во Будимпешта Н.Е. г-дин Марули Туа Сагала, на новоименуваниот амбасадор на Јапонија, со седиште во Виена Н.Е. г-дин Шигео Иватани и на новоименуваниот амбасадор на Република Молдова, со седиште во Софија Н.Е. г-дин Александру Пригорски.
На средбата со амбасадорот на Република Индонезија, Претседателот Иванов го изрази интересот од македонска страна за зголемување и унапредување на билатералната економска соработка, за динамизирање на можностите за презентација на стопанските потенцијали на Република Македонија преку промотивни активности и бизнис форуми за привлекување на индонезиски инвестиции во Република Македонија.
 Амбасадорот на Република Индонезија г-дин Марули Туа Сагала подвлече дека економската соработка меѓу двете земји во последните години бележи нагорен тренд и изрази очекување за продлабочување и интензивирање на оваа соработка во неговиот мандат. Соговорниците ја истакнаа и потврдија досегашната одлична соработка на мултилатерален план и се заложија за унапредување на меѓусебната поддршка во рамките на различни тела и органи на ООН.
 Претседателот Иванов на средбата со новоименуваниот амбасадор на Јапонија г-дин Шигео Иватани изрази длабоко сочувство за големиот број на загубени животи и огромната материјална штета од силниот земјотрес и цунамито, како и од проблемите во нуклеарната централа Фукушима и изрази надеж дека Јапонија бргу ќе се справи со последиците од оваа катастрофа. Претседателот Иванов, изрази задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји, нагласувајќи дека постои голем неискористен потенцијал во економската сфера и се заложи за унапредување на односите меѓу Македонија и Јапонија во сите сфери од заеднички интерес, подеднакво на билатерален и на мултилатерален план.
 Амбасадорот на Јапонија г-дин Шигео Иватани подвлече дека Република Македонија е значаен фактор за стабилноста и просперитетот на Југоисточна Европа и изрази уверување за натамошна поддршка од Јапонија во реформските процеси на Македонија, неопходни на патот кон полноправно членство во ЕУ.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Молдова г-дин Александру Пригорски, Претседателот Иванов ја искажа цврстата европска и евроатлантска определба на Република Македонија која континуирано се демонстрира, не само со спроведувањето на неопходните реформи и исполнувањето на критериумите, туку и со изградбата на еден уникатен и успешен модел на функционална мултиетничка демократија, со градењето добри односи со сите соседи, со учеството во регионалната соработка и регионалните иницијативи. Претседателот Иванов потенцираше дека Република Македонија на сите овие полиња постигна завидни резултати, и е подготвена да ги сподели сите свои позитивни искуства, потврдувајќи ја поддршката за Република Молдова на патот на нејзиното интегрирање во ЕУ.

Амбасадорот на Република Молдова г-дин Александру Пригорски.заблагодарувајќи се на поддршката од Република Македонија истакна дека за време на неговиот мандат ќе направи се што е во негова моќ за натамошно зацврстување на билатерални односи и унапредување на соработката во сферата на економијата, културата и образованието.
|