|
Средба со заменик помошник на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, г. Хојт Брајан Ји
|
|
Thursday, 03 March 2016 00:00
|
|
|
There are no translations available.
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Хојт Брајан Ји, заменик помошник на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на Соединетите Американски Држави.
На средбата беа разменети мислења за билатералните односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, за состојбите со европската и евроатлантската перспектива на нашата земја, за актуелностите во однос на бегалската и мигрантската криза, како и за внатрешните политички предизвици во Македонија.
Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија останува целосно посветена на членството во НАТО и Европската Унија, притоа изразувајќи очекување од одлучна американска поддршка во пресрет на Самитот на НАТО во Варшава во јули 2016 година.
Во контекст на бегалската и мигрантската криза, македонскиот претседател го информираше соговорникот за активностите што ги превзема Република Македонија во справување со оваа криза, притоа потврдувајќи го ставот дека нашата земја се залага за сеопшто европско решение. „До решение може да се дојде само во соработка со Грција и Турција. Тоа е и во интерес на Македонија", нагласи претседателот Иванов.
Во однос на внатрешните политички предизвици, претседателот Иванов подвлече дека политичките лидери во Македонија преземаа одговорност за справување со политичката криза и потпишаа договор што мора да се реализира. „Целосно спроведување на обврските од договорот е клучно за одржување фер, слободни и демократски избори. Неопходно е да се почитува договорот за да можеме да имаме Влада со чист политички мандат што мора да се справува со сите предизвици", истакна македонскиот претседател.
На средбата беше реафирмиран интересот на Република Македонија за интензивирање на стратешкото партнерство со САД и изразено очекување за натамошно продлабочување на севкупната билатерална соработка. Двајцата соговорници разменија мислења и информации и за состојбите во регионот.
|