Новогодишна честитка до граѓаните на Република Македонија
Friday, 31 December 2010 00:00   
There are no translations available.


Новогодишна честитка на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Зад нас останува уште една година. Година која секој може да си ја вреднува на свој начин. Токму затоа во овие моменти секој од нас се потсетува што се сработил за себе, за среќата на своето семејство. Ова се моменти кога се потсетуваме кој ни бил главен, личен и семеен настан, во годинава што изминува. Затоа што со секој наш поединечен успех придонесуваме кон нашиот заеднички успех. Придонесуваме за земјата како целина, но и за достоинството на сите граѓани на Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Новата година е празник кој бил и останал симбол за добрина и за надеж. За желби за мир, љубов и слога. За моменти кога децата и родителите  си  приредуваат само радост и среќа. Новата година е момент на оптимизам, на нова енергија и на нова сила. Момент за солидарност и заедништво. Момент кога ни се буди надежта дека ќе го сториме сето она што сеуште не сме успеале или не сме можеле.

Почитувани,

Во годината што доаѓа, Република Македонија одбележува 20 години од  својата независност. Тоа се 20 години исполнети со верба и надеж во нашиот заеднички успех, сигурност и просперитет. Иако на тој пат понекогаш моравме да се соочиме со навидум ненадминливи пречки, никогаш не ја испуштивме од вид крајната цел. Водени од принципите со кои сме живееле со векови - желбата за слобода и човечко достоинство, добрососедство и трудољубивост, ние со секоја година го градиме и унапредуваме нашиот заеднички дом. Сега ни преостанува Република Македонија да биде членка на Евро-атлантското семејство на држави. Јас сум убеден дека и таа цел ќе ја оствариме. Но за да го постигнеме тоа, сепак ни треба многу поголема слога, поголема самодоверба и поголема самопочит.

Идната година, исто така, одбележуваме и 10 години од Охридскиот рамковен договор. Со него ја промовиравме нашата вековна традиција за почитување на различитоста. За толеранција и почит меѓу нашите граѓани од различни етнички и верски заедници. Затоа нашиот соживот е нашето најголемо богатство.

Знам дека најголемата мака со која се соочуваат нашите граѓани е сиромаштијата и невработеноста. Тоа се проблеми со кои долго се бориме. Како што одминува економската криза, така мораме да ги удвоиме нашите напори за наоѓање на нови можности за работа, нови вештини и нови пазари. Да ги подготвиме граѓаните, а особено младите, со знаење и со вештини да се изборат за подобра иднина.

Почитувани,

Додека ја празнуваме Новата година, со нашите семејства и нашите пријатели, Ве повикувам да помислиме за миг на нашите мировници кои се во Авганистан, во Босна и Херцеговина, во Либан. Македонија е свесна за опасностите и траумите што ги носи времето во кое живееме. Ние барем знаеме дека за секое друго добро, предуслов е мирот. Тоа е причината поради која ги прифаќаме обврските, како и секоја друга одговорна членка на меѓународната заедница. Но, нашата заедничка должност зависи од личната пожртвуваност на група наши ќерки и синови, на кои навистина треба да им бидеме благодарни.

Годината што доаѓа ќе биде година на многу предизвици и на сериозни зафати кои се пред нас. Големите предизвици од нас ќе го извлечат најдоброто. Тоа си го должиме самите на себе, но и на нашите предци и на идните поколенија.

Со таа мисла, дозволете ми во мое лично име, и во името на моето семејство, да Ви посакам да ви се оствари сето она што сте го планирале.  Да ви се случи сето она што сте го замислиле. Нека вашите домови бидат исполнети со радост и среќа. А вашите срца и души со мир и топлина, не само во новогодишната ноќ, туку и во целиот ваш живот.

Среќна ви Нова 2011 година.

  Back<<Назад