Честитки до претседателот Иванов по повод 8 Септември - Денот на независноста
Friday, 11 September 2015 09:32   
There are no translations available.

prmcestitkiПо повод празникот 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, до претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, беа упатени писма со честитки од голем број шефови на држави од светот.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, г. Барак Обама, во името на американскиот народ упати честитка до претседателот Иванов и до македонскиот народ во која вели дека Македонија има со што да се гордее на 24-годишнината од нејзината независност. „Соединетите Држави и натаму ќе бидат Ваш непоколеблив партнер во Вашите напори за создавање на уште попросперитетна, демократска иднина, и очекуваме натамошно зајакнување на нашето пријателство со Македонија и нејзиниот народ во годините што доаѓаат", пишува во честитката претседателот Обама.

Претседателот на Народна Република Кина, г. Си Џинпинг, во името на кинескиот народ упати честитка до претседателот Иванов и целиот македонски народ.
„Во изминатите неколку години, билатералните односи меѓу Кина и Македонија забрзано се развиваа. Подготвен сум да работам со вас, врз основа на принципите на заемна почит, еднаквост и заемен интерес, за натамошно јакнење на соработката во разни полиња и да го промовираме сеопфатниот развој на пријателските и односите на соработка меѓу Кина и Македонија", пишува во честитката претседателот Џинпинг.

Во пораката од Кралицата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Н.В. Елизабета ǁ се вели: „Ваша Екселенцијо, ми претставува посебна чест и задоволство да Ви го честитам државниот празник, Денот на независноста, со најискрени желби и честитки за среќа и просперитет на народот на Република Македонија".

Претседателот на Сојузна Република Германија, г. Јоаким Гаук честитајќи го Денот на независноста, изразува уверување дека Германија и натаму како пријател и партнер ќе ја поддржува Република Македонија во своите напори.„Политичките лидери на Вашата земја докажаа дека може да се договорат за доброто на земјата и за нејзините граѓани. Оваа култура на компромис може да се надгради. На тој начин претстојните реформи за заедничката иднина во европското семејство може да се спроведат благовремено, транспарентно и одржливо". Меѓу другото, во упатената честитка германскиот претседател се осврнува и на бегалската криза. „Бројката на бегалци што расте, ја доведува Вашата земја, како и цела Европа, пред дополнителни предизвици. За да ја добијат потребната заштита, потребен е ангажман на секоја поединечна земја како и соработка меѓу сите засегнати држави", пишува претседателот Гаук.

Желби за среќа и просперитет на граѓаните на Република Македонија изрази во честитката до претседателот Иванов императорот на Јапонија, Н.В. Акихито.

Честитка до претседателот Иванов упати и претседателот на Република Турција, г. Реџеп Тајп Ердоган. „Сакам да потенцирам дека ќе продолжиме со поддршката околу интегрирањето на Република Македонија во НАТО и во ЕУ. Сплотувањето на Македонија во евроатлантските институции, како земја каде различните етнички и верски заедници живеат со меѓусебно почитување, цврсто сум убеден дека ќе придонесе за зачувување на мирот и благосостојбата не само во Вашата земја, туку и во земјите од Балканот", стои во писмото од претседателот Ердоган.

Честитка по повод Денот на независноста пристигна и од претседателот на Унгарија, д-р Јанош Адер, во која се изразува силна поддршка за натамошно развивање на билатералните односи. „Во изминативе години Македонија направи големи чекори во процесот на евроинтеграцијата. Искрено посакувам Вашата држава успешно да ги надмине и преостанатите препреки. Може да сметате на безусловна поддршка на Унгарија во овој поглед", пишува претседателот Адер во писмото до македонскиот претседател.

Успех и просперитет на сите граѓани на Република Македонија во честитката до претседателот Иванов посака претседателот на Чешката Република, г. Милош Земан.

„Цврсто верувам дека заемното разбирање и пријателство меѓу нашите земји ќе продолжи да се развива во интерес на натамошното јакење на нашата заедничка соработка", се вели во честитката од чешкиот претседател Земан.

Честитки во името на граѓаните на Словачката Република упати претседателот на Словачката Република, г. Андреј Киска.

„Нашите нации се поврзани со традициите на Св. Кирил и Методиј и заедничката иднина во европското семејство. Се надевам дека вашата земја ќе го продолжи својот пат на реформи и натамошно зајакнување на демократските традиции", се вели во честитката од словачкиот претседател Киска.

Во писмото упатено од претседателот на Латвија, Н.Е Раимондс Вејонис, се вели дека Латвија високо го цени политичкиот дијалог и конструктивната соработка со Република Македонија. „Верувам дека блиските односи на пријателство меѓу нашите земји ќе продолжат да се унапредуваат и во иднина", стои во честитката од латвискиот претседател.

Писмо со честитки по повод 8 Септември до претседателот Иванов упати и претседателот на Швајцарската Конфедерација, г-ѓа Симонета Сомаруга. „Нека пријателството и соработката кои постојат меѓу нашите две држави продолжат да се унапредуваат и во следните години", стои во честитката со желби за здравје и просперитет на граѓаните на Република Македонија.

Честитки по повод Денот на независноста со желби за добро здравје и просперитет на македонските граѓани упати и кралот на Шведска, Н.В. Карл Густав.

Честитка по повод Денот на независноста на Република Македонија упати претседателот на Република Албанија, г. Бујар Нишани.

"По повод овој важен ден за Вашата земја, би сакал да го изразам длабокото уверување дека благодарение на заемната волја, добрососедските и односите на соработка меѓу нашите земји, ќе одбележиме позитивен развој во сите полиња од заемен интерес", се вели во честитката од албанскиот претседател Нишани.

По повод 8 Септември, писмо со честитка до претседателот Иванов упати и претседателот на Република Косово, г-ѓа Атифете Јахјага. „Република Косово и Република Македонија ги поврзуваат многу заеднички работи: почитта кон човековите права и владеењето на правото, како и заедничката посветеност на демократијата, развојот и просперитетот", пишува Јахјага.

Писма до претседателот Иванов пристигнаа и од претседателите на Алжир, Непал, Палестина, СР Виетнам, кралот на Малезија, со желби за среќа, благосостојба и просперитет на граѓаните на Република Македонија.

  Back<<Назад