|
There are no translations available.
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Австрија, на Кралството Холандија и на Република Хрватска во Република Македонија. На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Австрија, Н.Е. г-ѓа Ренате Коблер, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија и Република Австрија во изминативе две децении изградија стабилни и цврсти пријателски и партнерски односи, засновани на меѓусебна доверба и заемно почитување.
„Република Австрија е втор инвеститор во Република Македонија, а австриската бизнис-заедница и австриските компании со успех дејствуваат на македонскиот пазар. Отворени сме и подготвени за натамошно продлабочување на овој посебно значен сегмент од нашата соработка. Се надевам дека и Вашето богато дипломатско искуство, кое високо го цениме, несомнено ќе даде голем придонес за таа цел", рече претседателот Иванов во поздравното обраќање и додаде дека со заеднички напори очекува во наредниот период нов импулс и дополнителна енергија за преоѓање во уште подинамична и понапредна фаза од развојот на односите и соработката меѓу двете земји.
Новоименуваниот амбасадор Ренате Коблер истакна дека ќе се заложи за продлабочување и проширување на односите помеѓу двете земји, како и за унапредување на евроатланската интеграција на Република Македонија. Во поглед на актуелната состојба со мигрантите на македонската граница, амбасадорката Коблер изрази подготвеност за да се продолжи со напорите и поддршката за Македонија во однос на зголемувањето на капацитетите на граничната администрација и системот за азил, заедно со европските институции и другите земји – членки на ЕУ.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Холандија Н.Е. г. Вилем Ваутер Пломп, претседателот Иванов истакна дека помеѓу двете земји веќе две децении постои континуирана и тесна соработка во повеќе области од заемен интерес, што е во полза на граѓаните на двете земји. Македонскиот претседател рече дека Република Македонија високо ги вреднува несебичните и посветени активности кои Кралството Холандија ги вложува за директно помагање на македонското општество во однос на процесите кои водат кон европска трансформација.
„Развојната соработка е јадрото на традиционалното партнерство меѓу нашите две држави и двигател на сè поинтензивната соработка на секторско ниво. Привилегија за Република Македонија е да гради и да одржува сеопфатна интеракција со Кралството Холандија, земја-основач на НАТО и на Европската унија, како и предводник на полето на владеењето на правото", рече претседателот Иванов.
Новоименуваниот амбасадор Вилем Ваутер Пломп нагласи дека Кралството Холандија и понатаму ќе остане силен поддржувач на интеграцијата на Република Македонија во евро-атланските структури, а во однос на билатералната соработка ќе се продолжи со пружање на практична помош преку ИПА инструментите на ЕУ, твининг договори и билатералната програма МАТРА.
„Нема сомнение дека Македонија, која секогаш била дел од европската историја и која во последните денови се справува со зголемениот број на бегалци и мигранти кои се на пат кон Западна Европа, ќе може да го даде својот придонес кон развојот на европските институции во 21. век како мулти-етничка и мулти-културна демократија," истакна г. Ваутер Пломп.
На свеченоста по повод предавањето на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Република Хрватска, Н.Е. г-ѓа Данијела Баришиќ, претседателот Иванов ја нагласи сестраната соработка меѓу двете земји на сите полиња од заеднички интерес и констатираше дека постои јасно изразена волја за интензивирање на економската соработка и трговската размена, со заедничка цел за целосно искористување на економските потенцијали на двете земји. Македонскиот претседател изрази задоволство и од соработката кои двете земји ја имаат и на мултилатерален план за што е доказ редовната меѓусебна поддршка во меѓународните организации.
„Во целиот регион сè уште има сериозни предизвици, чиишто извори се од минатото. Нема друга одржлива сила што неповратно ќе го стабилизира Балканот и ќе донесе траен мир, освен евроатлантските интеграции. Затоа, оправдано очекуваме од Република Хрватска уште позасилена поддршка во наредниот период", подвлече претседателот Иванов.
Новоименуваниот амбасадор Данијела Баришиќ истакна дека нејзиниот мандат ќе биде насочен кон зајакнување на заемните економски односи, за што постојат многу можности, особено во прехрамбената, фармацевтската индустрија и градежништвото, како и на политички и на безбедносен план, нагласувајќи дека Хрватска и понатаму е подготвена на секој начин да и помогне на Македонија на нејзиниот пат во Европската унија и НАТО и тоа не како патрон, туку како партнер.
„Нашиот заеднички интерес како на земјите од регионот и на Европска унија е политичка стабилност, а спроведување на реформи на патот на евро атлантските интеграции е најдобра гаранција за постигнување на безбедност и стабилност", рече г-ѓа Баришиќ.
Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност
|