|
There are no translations available.
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Соединетите Американски Држави, Н.Е. г. Џес Бејли.
На свечената церемонија, претседателот Иванов на амбасадорот Бејли му посака успешно извршување на дипломатските должности во земјата, истакнувајќи дека Република Македонија во континуитет придава исклучителна важност на развојот и унапредување на севкупните односи со САД, кои ги поврзува заемната посветеност кон почитувањето на универзалните вредности за мир, слобода, демократија и безбедност во регионални и светски рамки.
Претседателот Иванов, го нагласи значењето на поддршката и ангажманот од Соединетите Американски Држави како стратегиски партнери во реализација на нашите надворешно политички цели и приоритети - интеграцијата во евроатлантските структури, добрососедските односи и регионалната соработка.
„Дозволете ми да упатам изрази на искрена благодарност за континуираната поддршка за зачленувањето на Република Македонија во НАТО и во Европската унија. Непринципиелните блокади, спротивни на меѓународното право, кои се пречка за нашите интеграции, кои создаваат и проблеми во нашето општество, воопшто не нè обесхрабруваат. За нас никогаш не било прашањето дали, туку кога, ќе ги реализираме нашите цели. Членството на Република Македонија во НАТО и интеграцијата во ЕУ има огромна кохезивна моќ во нашето општество. Тоа, убеден сум, не е придобивка само за нас, недвосмислено тоа позитивно ќе влијае и на стабилноста и просперитетот на нашиот регион", рече претседателот Иванов, во поздравното обраќање, потенцирајќи дека на тој план, како и досега, се надеваме и очекуваме поголема поддршка од САД.
Амбасадорот на САД, г. Бејли, истакна дека Македонија и САД имаат многу заеднички нешта, како што се разновидна популација со различни етнички групи, религии и традиции, кои ги зајакнуваат и ги збогатуваат двете земји, додавајќи дека ние сме партнери и сојузници во секој поглед.
„Со нетрпение очекувам да работам со Вас, со Владата и со народот на Македонија, со цел да продолжи оваа традиција на партнерство. Повеќе од 20 години, минувајќи и низ тешки времиња, работевме заедно и постигнавме многу во реализацијата на заедничките цели, особено за изградба на Европа, обединета, слободна во мир, и со Македонија целосно интегрирана во НАТО и во ЕУ. Оваа работа се темели на нашата заедничка посветеност кон придржување на демократијата, индивидуалните слободи и владеење на правото. Како што односите меѓу нашите земји растат и се развиваат, така нашите заеднички вредности потврдуваат дека ние и понатаму ќе останеме блиски", истакна во говорот амбасадорот Бејли.
Двајцата соговорници изразија задоволство од традиционално пријателските односи меѓу двете држави кои се засноваат на партнерство, доверба, меѓусебно разбирање и поддршка, за што сведочи и Декларацијата за стратегиско партнерство и соработка. Претседателот Иванов и амбасадорот Бејли истовремено се согласија за содржинско збогатување на билатералната соработка, особено на полето на економијата, јакнење на трговската размена и натамошно зголемување на американските инвестиции во Македонија, како и во сите други домени од заеднички интерес – здравството, културата, образованието, науката и информатичката технологија.

|