Честитка на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод 8 септември, Денот на независноста
Wednesday, 08 September 2010 15:09   
There are no translations available.

Почитувани граѓани, драги пријатели
Годинешниот празник ни е уште една можност да се потсетиме на сите напори, успеси, тешкотии и активности кои ги изминавме во градењето на нашата држава – Република Македонија. Денес се сеќаваме на почетокот на патот кој беше одбележан со големи закани и со неизвесност, на кој наше најголемо оружје беше решителноста и ентузијазмот на граѓаните кои ја преземаа одговорноста во свои раце. 8 септември е еден во низата решителни чекори преземани со цел да се даде форма и да се отелотвори токму оваа решителност на нашите граѓани да бидат одговорни за својата иднина. Причина повеќе за празнување е што темелите на таа наша држава ги поставивме цврсто во вредностите кои ја гарантираат нејзината долговечност, во демократскиот плурализам, почитувањето на човековите права и заштитата на слободата на сите наши граѓани.
Сите ние кои празнуваме, во Република Македонија како и во големите заедници на македонските граѓани во светот, имаме свој залог во иднината на македонската држава. Како што решително се определивме таа иднина да ја бараме во независна и самостојна држава, еднакво решително сме определени таа држава да го одбележи своето место во обединета Европа. Нашата безбедност која ја зачувавме во бурните први денови на независноста, во иднина ја проектираме во евро-атланскиот сојуз на демократски и слободољубиви држави.
На неизвесниот пат кој го поминавме паметиме мигови кога можеби сме се посомневале во крајниот исход и во успешноста на задачата која ја преземавме. Кога можеби и не сме биле достојни на висината на задачата која е пред нас – да се изгради нова држава, нов дом, на Балканот и во Европа. Но, убеден сум дека сите овие прашања добија решителен одговор – дека основата е поставена, и дека Македонија е тука за да опстои, за да им обезбеди можност за напредок и за благосостојба, како и шанса за докажување на сите нејзини граѓани.

  Back<<Назад