|
Заедничко соопштение на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и на Претседателот на Република Бугарија д-р Георги Прванов
|
|
Sunday, 22 August 2010 00:00
|
|
|
There are no translations available.

На покана на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, Претседателот на Република Бугарија д-р Георги Прванов денеска оствари еднодневна работна посета на Република Македонија, во Охрид и Струга. Двајцата шефови на држави остварија билатерална средба и ќе присуствуваат на врачувањето на наградата „Златен венец” на бугарскиот поет Љубомир Левчев во рамките на фестивалот „Струшки вечери на поезијата”. Средбата на претседателите на Република Македонија и на Република Бугарија е продолжение на активниот политички дијалог на највисоко ниво и потврдување на добрите односи меѓу двете земји. Двајцата претседатели констатираа дека Македонија и Бугарија споделуваат заедничка визија за иднината, во која сите земји од регионот ќе бидат интегрирани во европските и евроатлантските структури, како најважен предуслов за трајна стабилност, демократски и економски просперитет за целиот регион. На средбата, беше подвлечена важноста на меѓусебната соработка и поддршката на Република Бугарија за интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и НАТО, врз основа на целосното исполнување на неопходните критериуми и услови за тоа. Одбележана беше неопходноста од активирање на заедничка работа за усогласување на општо прифатлив текст на двостраниот договор, кој што дополнително ќе ги развие и збогати принципите и насоките на односите меѓу двете земји врз основа на европските вредности. Претседателите на Република Македонија и на Република Бугарија се согласија дека двете земји треба да ги искористат реалните потенцијали за јакнење на економските односи и дека ќе ги интензивираат заедничките настапи и соработка во проекти од взаемен интерес за градење и подобрување на патната, железничката, енергетската инфраструктура. Овие проекти двајцата Претседатели ги оценуваат и како проекти од регионален и европски интерес. На средбата беше истакната заедничката визија дека продлабочувањето на соработката во областа на културата, науката и образованието претставува дополнителен поттик за подобрување на билатералните односи. Двајцата Претседатели разменија мислења и ставови и за други актуелни регионални и меѓународни прашања.
|