|
There are no translations available.
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Свети Патрик, националниот празник на Ирска упати честитка до Претседателот на Ирска, г. Мајкл Д. Хигинс.
Ваша Екселенцијо,
Со особена чест и големо задоволство, од име на граѓаните на Република Македонија и од свое име, Ви упатувам најсрдечни честитки по повод Свети Патрик, националниот празник на Ирска, и посакувам натамошен просперитет на Вашата земја и благосостојба на нејзините граѓани.
Ја користам приликата да изразам задоволство од досегашниот развој на односите меѓу Република Македонија и Ирска, и увереност дека односите меѓу нашите две земји и во иднина успешно ќе се развиваат и надградуваат во духот на заедничките заложби за демократска, стабилна, обединета и просперитетна Европа. Убеден сум, дека Ирска како докажан пријател на Република Македонија, и како актуелен претседавач со Европската унија, ќе продолжи да ја поддржува во процесот на нејзината европска интеграција. Во таа смисла, очекуваме дека токму за време на ирското претседавање со Унијата ќе добиеме датум за почеток на преговорите за членство во европското семејство.
Се надевам дека наскоро ќе имаме можност да се сретнеме и да дадеме личен придонес за натамошно унапредување на билатералните односи и соработката.
Посакувајќи Ви добро здравје, натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам, почитуван господине Претседателе, изразите на моето највисоко почитување.
д-р Ѓорге Иванов
|