|
There are no translations available.
Во Македонската акaдемија на науките и уметностите (МАНУ) денеска почна 7. Меѓународен конгрес за Ататурк, кој се одржува по повод 130 години од смрта на Мустафа Кемал Ататрук. Конгресот е во организација на МАНУ и Истражувачкиот центар за Ататурк (АТАМ), а се одржува под покровителство на претседателите на Република Македонија и на Република Турција, Ѓорѓе Иванов и Абдула Ѓул. Врската меѓу Ататурк и Македонија, според претседателот Иванов, не е само географска. „Македонија не е само местото во кое тој бил роден, туку и простор во кој се формирал неговиот поглед кон светот, неговиот карактер и неговите сваќања. Во земјава тој непосредно учи колку е важен соживотот, ги учи македонските вредности, како што се толеранцијата и прифаќањето на другите,“ нагласи претседателот Иванов во своето обраќање на отворањето на Конгресот. Шефот на државата потсети на изјавата на Ататурк во која тој рекол - „На териториите кои ќе останат надвор од границите на турската држава меѓу кои се Македонија и Албанија, прво треба да им се даде автономија, а потоа и целосна независност“. „Таа негова визија вистински се оствари пред 20 години, на 8 септември 1991 година кога македонските граѓани на референдум донесоа одлука за независна, суверена и самостојна Република Македонија,“ нагласи претседателот Иванов. Осврнувајќи се на делата кои ги читал основачот и прв претседател на Турција, македонскиот претседател посочи дека историјата нè учи дека многу луѓе станале големи поради идеите кои ги црпеле од книгите. Ататурк, додаде тој, беше најпрво сведок, а подоцна и главен индивидуален учесник во историската драма која значеше крај на историското царство. Тој многу добро ги знаеше недостатоците и опасностите на една неодржива империја. „Македонија беше прозорецот преку кој Ататурк се запозна со своите вредности и просторот преку кој се калеше неговиот карактер, каде се градеше неговиот поглед, каде созреваа идеите кои подоцна никнаа во Република Турција,“ истакна претседателот Иванов. За турскиот вицепремиер Булент Аранч, Ататурк е еден од ретките лидери кој во минатиот век створил една модерна држава, кој не е само борбен лидер, туку и голем реформатор. Според него, Ататурк го сплотил и организирал својот народ, давајќи извонреден пример за борба за слобода. Седмиот конгрес за Ататурк ќе го претстави научното толкување на историските, општествените, културните и економските односи меѓу Турција и Балканот во контекст на минатото, сегашноста и иднината. Мустафа Кемал Ататурк роден е во Солун на 19 мај 1881 година во турско семејство. Учи воено училиште во родниот град, а подоцна во 1895 година и воена академија во Битола. На 23 април 1920 година формира привремено управителство во Анкара. Неговиот режим официјално ја презема султанската власт во ноември 1922 година, а единаесет месеци подоцна ја прогласува Турската Република, при што Мустафа Кемал станува прв претседател. Во 1935 година го додава презимето Ататурк - „татко на Турците“. Управува како лидер на Турција до смртта во 1938 година.
|