|
There are no translations available.
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на муслиманскиот свет месец Рамазан, присуствуваше на ифтар вечера во Тетово, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи.
На вечерата, освен муфтиите и гостите на Исламската верска заедница, присуствуваа и гости од Република Турција - Заменик претседателот на Исламска заедница на Република Турција, Мехмет Емин Озавшар и директорот на Секторот за верска настава при Министерството за надворешни работи на Турција, Ирфан Ајџан.
Претседателот Иванов им се заблагодари на домаќините за срдечната покана да се придружи во празнувањето на рамазанските пости, во светиот месец Рамазан, за отворените порти и срца, и за пријателството кое се негува и зацврстува од година во година.
Месецот Рамазан, како што нагласи тој, е периодот кога верниците се повлекуваат од дневните, овоземските уживања, и се посветуваат кон мислите за своите најблиски, за предците, за потомството, за идниот свет. Во оваа прилика Претседателот Иванов на припадниците на муслиманската веросиповед, им ги честита Рамазанските пости и им посака преостанатите денови од постите да им поминат во мир, здравје и благосостојба.
„Претседателот Иванов беше прв што прифати еден ваков чекор и изрази желба во текот на светиот муслимански месец Рамазан да дојде на Ифтар заедно со претставниците на ИВЗ. Се надеваме дека без разлика кој ќе биде претседател на државата во иднина оваа активност ќе прерасне во традиција. Претседателот на државата Иванов на овој начин покажа почитување на Рамазанот и верниците од муслиманска вероисповед,“ рече поглаварот на ИВЗ Реџепи.
Во рамките на посетата на Тетово, Претседателот Иванов ја посети и Шарената Џамија, еден од најзначајните религиозни објекти во Македонија османскиот период со исклучителна културно-историска вредност, и беше запознаен со нејзината историја како и со уникатноста на нејзината внатрешност.
|