| Претседателот Иванов од Дојран порачува: Институциите ќе го расветлат случајот со Мартин Нешковски | |
|
|
There are no translations available.
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска престојуваше во посета на Стар Дојран, при што оствари средба со граѓаните и градоначалникот на Дојран, Глигор Чабулев. Во рамки на посетата Претседателот беше и почесен гостин на Државното првенство во триатлон, на кој настапуваат триесетина натпреварувачи од Македонија, кои на патеката долга близу 26 километри, во дисциплините пливање, возење велосипед и трчање ќе ги испробат силите пет возрасни категории на натпреварувачи: сениори, јуниори, кадети, девојки и деца до 12 години. „Со моето присуство денес во Дојран се обидувам да придонесам да се популаризираат овие спортови меѓу младите, младите да се мотивирани да се занимаваат со триатлонот како дисциплина и да се подготвуваат за Балканскиот натпревар во триатлон кој следната година ќе се одржи овде во Дојран. Сакам да ги охрабрам младите да спортуваат и да постигнуваат резултати, да ја претставуваат државата на најдобар можен начин и да постигнуваат успеси,“ изјави Претседателот Иванов денеска во Дојран. Запрашан за скорешните случувања поврзани со смртта на младото момче во центарот на Скопје, кое со денови ја бранува јавноста, Претседателот Иванов нагласи дека институциите на Република Македонија работат да го расветлат овој случај и дека вистината и правдата ќе излезат на виделина. „Со големо внимание и длабока загриженост ги следев случувањата поврзани со смртта на младиот Мартин Нешковски. Неговата трагична смрт навистина нé погоди сите. Јас лично и моето семејство и сите граѓани сочувствуваме со болката на семејството на Мартин. Нема зборови што сега можат да ја ублажат нивната болка, меѓутоа она што можеме да го постигнеме во овој момент е институциите да си ја завршат работата. Сите надлежни во согласност со своите овластувања да дојдат до вистината и правдата да биде задоволена. Мораме да се осигураме дека ниту едно семејство во иднина нема да загуби дете, свое чедо на ваков начин. Тоа е навистина за осуда,“ рече Претседателот Иванов. |











