| Зајакната економска соработка е иднината на регионот - Средба со косовската претседателка Атифете Јахјага | |
|
|
There are no translations available.
Серијата билатерални средби кои Претседателот д-р Ѓорге Иванов ги оствари во рамки на 17-тиот Состанок на Претседатели од Централна Европа во Варшава, се заокружи со средбата со Претседателката на Косово, Атифете Јахјага. Госпоѓата Јахјага искажа благодарност до Претседателот Иванов за изложените ставови на вчерашниот Самит и за време на работната вечера со Претседателот на САД, Барак Обама, на кои македонскиот претседател ја претставуваше позитивната слика на нашиот регион и постигнатиот прогрес. Косовската претседателка упати честитки до Претседателот Иванов за неговата улога на регионален план и инцијативите за зајакната регионална соработка, нагласувајќи дека искуствата и поддршката од Република Македонија се од особено значење за Косово и воопшто за Западен Балкан. Д-р Ѓорге Иванов истакна дека Република Македонија е подготвена за искрена и отворена соработка со сите свои соседи и тежнее кон градење мостови на пријателство и соработка со сите земји. Тој, исто така, искажа задоволство од достигнатото ниво на соработка и од постојаното унапредување на договорната рамка. Економската соработка помеѓу земјите од регионот, и посебно меѓу Македонија и Косово, ќе се зголемува со континуирано унапредување на патната, железничка и енергетска инфраструктура, нагласи Претседателот Иванов. Токму затоа овие прашања се највисоко на агендата за регионална соработка, и ќе бидат главни теми на претстојната квадритерална средба во Охрид помеѓу претседателите на Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора. Претседателката Јахјага информираше за актуелните состојби на Косово и комуникацијата со официјален Белград. Претседателот Иванов го поздрави и охрабри дијалогот меѓу Косово и Србија, потенцирајќи дека сите разлики и отворени прашања треба да се решаваат токму преку конструктивен дијалог, во духот на европските вредности и начела. |











