Иванов: Состанокот на претседателите од Централна Европа е можност за лобирање за стратешките цели на Македонија
Friday, 27 May 2011 12:05   
There are no translations available.

alt„Денешниот претседателски собир е можност Македонија да зборува за своите стратешки цели и интереси, односно да се изложат нашите искуства во создавањето на македонскиот специфичен модел на демократија, и како може тоа да биде од корист за другите земји кои се соочуваат со слични проблеми,“ изјави денеска во Варшава Претседателот д-р Ѓорге Иванов, кој учествува на 17-тиот Состанок на претседатели од Централна Европа.

Претседателот Иванов информира дека на сите официјални и неофицијални средби за време на Самитот лобира за стратешките цели на Македонија, односно за нашето членство во НАТО и за добивање датум за почеток на преговорите за влез во Европската унија - процеси за кои сите реални и разумни предуслови веќе се исполнети. Македонија бара поддршка од собраните европски лидери, и од Претседателот на САД кој е присутен на состанокот, и тоа во еден клучен моментум - во пресрет на Самитот на Европската Унија со кој ќе заврши шестмесечното претседавање на Унгарија, а ќе почне претседавањето на Полска.

На состанокот, на кој учествуваат претседатели на 22 држави, се разговара за актуелните политички и економски проблеми и предизвици во земјите од централно-европскиот регион, но и за глобалните политички прашања на европскиот континент и пошироко. Централна тема годинава се „Локалните искуства и универзалните стандарди“, при што присутните претседатели во своите излагања посочуваат на сите нивни искуства со кои се соочувале при преминот кон демократија, но и во текот на двете децении живеење и функционирање во демократски систем.

Во рамките на Самитот, вечерва е предвидена работна вечера на сите европски претседатели со специјалниот гостин - американскиот претседател Барак Обама, а ќе се разговара за искуствата на земјите од Централна Европа во унапредувањето на демократијата, просперитетот и стабилноста во Европа, како и за револуциите на Средниот Исток и Северна Африка, импликациите врз Европа и поддршката за нивната демократска транзиција.
 

  Back<<Назад