Полска ја поддржува Македонија во евроинтеграциите – билатерална средба со полскиот претседател Коморовски
Thursday, 26 May 2011 20:40   
There are no translations available.

altПретседателот д-р Ѓорге Иванов денеска во Варшава, на маргините на Самитот на претседатели од Централна Европа, се сретна со полскиот претседател Бронислав Коморовски со кого разговараа на повеќе теми.

Претседателот Иванов се заблагодари на досегашната поддршка од Полска во однос на евроатлантските интеграции на Македонија, и побара идна поддршка за одредување датум и почеток за пристапните преговори со Европската унија. Тој уште еднаш нагласи дека Грција нема разумни аргументи зошто ја блокира Македонија во оваа фаза на интеграциите, затоа што има разлика меѓу Самитот на НАТО во Букурешт кога во прашање беше конкретното членство на Македонија во Алијансата, и одредувањето датум за почеток на преговорите, процес кој е временски подолготраен. Реално е да се очекува дека во тој временски период спорот со името ќе биде надминат.

Македонскиот претседател подвлече дека не само што Грција не губи ништо, туку добивањето датум и почеток на пристапните преговори ќе биде силна порака и охрабрување за целиот регион. Македонската страна побара поддршка ова прашање да се најде на агендата и на следниот Европски совет кој ќе се одржи на 26 јуни.

Нагласувајќи дека во Полска никому не му е јасно како некоја земја не може да се нарекува како сака, полскиот претседател Коморовски рече дека, како и досега, Македонија може да смета на поддршка од неговата земја.

Претседателот Иванов исто така го информира својот колега Коморовски за процесот кој се одвива во ООН и за очекувањата од разрешницата на судскиот процес што се води во Меѓународниот суд за правда во Хаг, за кој полскиот претседател изрази особен интерес, од причина повеќе што одлуката се очекува во време кога Полска ќе го преземе претседавањето со ЕУ.

На средбата помеѓу двајцата претседатели беше разговарано и за можноста за потпишување Спогодба за стратешко партнерство во сферата на безбедноста и одбраната.alt

Ова е прва средба на Иванов со Коморовски, кој денеска ја прифати поканата да дојде во официјална посета на Македонија. Тој ја посетил нашата земја во 60-тите години од минатиот век и изрази воодушевување, пред сé, од убавините на Охрид.

Македонскиот претседател Иванов утре и задрутре во Варшава ќе учествува на 17-тиот Состанок на претседатели од Централна Европа. На состанокот ќе се разговара за актуелните политички и економски проблеми и предизвици во земјите од централно-европскиот регион, но и за глобалните политички прашања на европскиот континент и пошироко. Централна тема годинава се „Локалните искуства и универзалните стандарди“, а ќе се дискутира за различните искуства на земјите во процесите на системска трансформација, демократскиот развој, создавањето отворен пазар, како и за идните перспективи и предизвици.

Во рамките на оваа традиционална претседателска средба планирани се и повеќе билатерални средби на Претседателот Иванов, меѓу кои и со германскиот сојузен претседател Кристијан Вулф и со претседателот на Словачка, Иван Гашпарович.

  Back<<Назад