|
There are no translations available.
Македонска државна делегација предводена од Претседателот д-р Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше на молебен на гробот на Св. Кирил со црквата „Свети Климент“ во Рим, кој по 43-ти пат се одржува во рамките на традиционалната манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил“. Со молебенот чиноначалствуваа митрополитите преспанско-пелагониски и европски, г. Петар и г. Пимен.
Претседателот Ѓорге Иванов на сите граѓани на Република Македонија од ова свето место каде што се моштите на Кирил им го честита празникот на сесловенските просветители.
„Ја продолжуваме оваа традиција што е воспоставена на денешен ден и особено радува фактот што денеска на чествувањето што го одржа македонската делегација на гробот на Свети Кирил беа присутни претставници од речиси сите словенски народи,“ изјави Претседателот Иванов.
На свечениот чин во базиликата присуствуваше и македонска државна делегација во чиј состав, покрај Претседателот Иванов, се и Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и Претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Антон Серечи. На церемонијата беа присутни и бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов и претставници на Католичката црква, како дел од црковната делегација, како и дипломатски претставници од повеќе словенски земји.
Владиката Петар на вечното почивалиште на сесловенските просветители упати порака дека само со дијалог на љубов и мудрост може да се решаваат сите проблеми на црквите и народите. „Она што го направиле светите Кирил и Методиј за нас и за сите словенски народи – го ширеле словото Божјо, идејата Христова и ги решавале проблемите со дијалог на љубовта и мудроста, таа традиција треба да продолжи,“ рече митрополитот Петар.
Господин Пимен честитајќи им го празникот на сите Македонци и на сите словенски народи кои денеска го чествуваат, изрази задоволство од тоа како е организиран црковниот живот на Македонците во Италија кои во голем број присуствуваа на молебенот во Рим.
На приемот по молебенот во базиликата пред присутните гости и дипломатски претставници, македонскиот претседател Ѓорге Иванов како позитивен момент го истакна присуството на грчки дипломат на чествувањето и во контекст на тоа рече: „Ете, Свети Кирил пак нè обедини сите!“, што беше поздравено од сите присутни.
Поклонението на гробот на Свети Кирил во Рим е централниот настан во чествувањето на Денот на просветителите Кирил и Методиј. Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација. Традиционално, 24 мај беше Ден само на образовните институции и просветните работници, а од 2007 година тој е и државен празник на Република Македонија.
„Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи и племиња сакате да бидат слепи и глуви? Дали Господ го сметате толку бессилен тоа да не може да го даде или завидлив па тоа да не го сака?“ Со овие зборови Константин филозоф, подоцна прославен со калугерското име Кирил, во 9. век го бранел словенскиот јазик пред т.н. тријазичници кои тврделе дека само латинскиот и грчкиот и еврејскиот се свети јазици со кои може да се богослужи. Го обвинувале за ерес зашто го вовел словенскиот јазик меѓу привилегираните, кои тој статус го заслужиле зашто биле испишани на крстот на Исус.
Со молебенот на гробот на Свети Кирил завршува манифестацијата што во негова чест традиционално се одржува во Рим. Во текот на изминатите два дена се одвиваше и културна програма во рамки на „Македонија во чест на Свети Кирил“ која започна со концерт во базиликата „Пантеон“ на кој настапија македонскиот тенор Благој Нацовски, виолинистите Ана и Олег Контраденко и пијанистите Марија Вршкова и Алесандро Д’Агостини.
Синоќа во театарот „Де Серви“ беше изведена претставата за Мајка Тереза насловена „Светица на темнината“ која од бројните гости, меѓу кои и дипломати од повеќе земји, беше проследена со бурен аплауз.
Годинава се одбележуваат 1142 години од смртта на сесловенскиот просветител Свети Кирил.
|