Претседателот Иванов се запозна со потенцијалите на Преспа за езерски, рурален и манастирски туризам
Friday, 13 May 2011 00:00   
There are no translations available.

altЗапознавањето со можностите што ги нуди Преспа за езерски, рурален и манастирски туризам, како и запознавањето со проблемите на граѓаните од Општина Ресен, беше основна цел на денешната посета на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на Преспанскиот регион.

„Со Градоначалникот и Претседателот на Советот на Општина Ресен разговаравме за состојбите во општината, пред сè за она што ги преокупира граѓаните и како може да им се помогне за да ја подобрат нивната состојба,“ изјави Претседателот Иванов по посетата на ресенското село Брајчино, нагласувајќи дека на средбите општинските власти посочиле на проблемите кои ги наследиле, како и за активностите што се преземаат за нивно решавање и подобрување на стандардот на граѓаните, особено преку извозот на јаболката.

„Имав можност да го посетам и манастриот ’Свети Ѓорги’ во Курбиново од кој сум импресиониран, бидејќи тоа што секогаш сум го гледал по каталози и фотографии овој пат можев да го видам во живо. Да се види наследството што ни го оставиле нашите претци е извонредно доживување,“ рече Шефот на државата и додаде дека тоа наследство мора да се сочува за потомците и идните генерации.alt

Во Претор Претседателот Иванов имаше прилика да се сретне со учениците кои посетуваат настава во природа во одморалиштето „Мите Богоевски“, а во Брајчино се запозна со можностите што ги нуди ова подпелистерско село за развој на руралниот туризам.

Градоначалникот на Ресен, Михаил Волкановски рече дека на средбата со Претседателот Иванов му ги претставиле проектите кои што се реализирани и оние кои се во тек на реализација, како што е чистењето на плажите на Препанското Езеро и речните корита. Тој како приоритет за граѓаните на Преспа ја истакнал изградбата на дистрибутивниот центар за јаболка, проект кој е во завршна фаза.

„Објектот треба да се гради на шест хектари во местото викано Макази и во него производителите на јаболка, кои се 85 проценти од населението на Преспа, ќе можат да ги складираат и организирано да ги продаваат на пазарите низ Европа и секаде каде што се препознатливи преспанските јаболка,“ рече Градоначалникот Волкановски. Тој воедно нагласи дека очекува годинава да altсе зголеми бројот на туристи во Преспа, особено од Битола и Прилеп, кои во изминатиов период заради лошата состојба на плажите наместо традиционално во Преспа летуваа во Охрид.

Прашан за коментар за вчерашната анкета на ИПИС, претседателот Иванов рече дека граѓаните препознаваат кога некој вложува и презема сè за да направи нешто во корист на сите што живеат во државата.

„Тоа што во изминатите две години го работев и јас и мојот Кабинет, преку ваквите анкети граѓаните го оценуваат позитивно. Би им упатил апел на сите политичари дека секој што работи, секој што нешто вложува и прави за државата, граѓаните знаат да го оценат и да го вреднуваат,“ рече Претседателот Иванов.
 

  Back<<Назад