|
There are no translations available.
Иванов – Меркел: Германија очекува договорот меѓу Турција и ЕУ за мигрантите да се почитува
Последните случувања околу бегалската криза и состојбата на граничните премини, беа во фокусот на денешните разговори на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов со германската канцеларка Ангела Меркел, во рамки на учеството на Самитот во Лондон посветен на Сирија.
На средбата, македонскиот претседател ја информираше Меркел за последните случувања на македонско-грчката граница, како и за мерките кои Република Македонија во континуитет ги презема за справување со бегалската криза.
Претседателот Иванов истакна дека и покрај тоа што Македонија во моментов пропушта бегалци само од трите држави зафатени со воени дејствија, сепак и натаму бројките се мошне високи, посебно имајќи ги предвид зимските временски околности.
Германската канцеларка изрази надеж дека усогласениот договор меѓу ЕУ и Турција ќе функционира и дека сите преземени обврски ќе бидат испочитувани и исполнети. Воедно, на средбата со претседателот Иванов, Меркел изрази интерес околу развојот на политичките случувања во Република Македонија и во регионот.
Иванов-Камерон: Мора да се зголемат капацитетите на македонско-грчката граница
Бегалската криза и состојбите на македонско-грчката граница беа во фокусот на разговорите на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и британскиот премиер Дејвид Камерон на синоќешниот прием кај Принцот Чарлс во Лондон. Претседателот Иванов го информираше Камерон за заканата од илегална миграција и зголемите безбедносни ризици долж мигрантскиот коридор. Британскиот премиер изрази интерес за случувањата на македонско - грчката граница и за тоа дали се спроведува одлуката да се пропуштаат само бегалците од кризните региони, Ирак, Авганистан и Сирија.
Претседателот Иванов истакна дека низ Македонија досега има поминато милион бегалци, а од ноември се пропуштаат бегалците од трите конфликтни подрачја.
„Безбедносните ризици се зголемуваат и во последно време полицијата открива се повеќе лица со лажни исправи и регистрациски документи издадени од ФРОНТЕКС, кои се обидуваат да ја преминат границата и да продолжат по рутата за што е предложено и прифаќање на единствен биометриски регистрациски лист за мигрантите кој ќе се издава на границата со Грција со намера да транзитираат до крајната дестинација“, истакна претседателот Иванов.
Двајцата соговорници се согласија дека мора да се зголемат капацитетите за заштита на македонско – грчката граница. Македонскиот претседател на синоќешниот прием се сретна и со Филип Хамонд, министер за надворешни работи на Обединетото Кралство, со претставници на меѓународните организации, невладини организации, како и средба со ГС на УНЕСКО, Ирина Бокова. Претседателот Иванов на маргините на Конференцијата во Лондон разговараше и со претседателот на Советот на Европската унија Доналд Туск, со претседателите на Хрватска и на Швајцарија, Колинда Грабар Китаровиќ и Јохан Шнајдер Аман и со естонскиот премиер, Тави Ројвас.
Иванов – Ципрас: Потребно е интензивирање на соработката за бегалската криза
Потребно е интензивирање и подигнување на нивото на соработка меѓу македонските и грчките институции во однос на сите аспекти на бегалската криза, како на границата, така и на сите нивоа на соработка меѓу органите на двете земји, беше исходот од денешната средба на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и грчкиот премиер Алексис Ципрас во Лондон.
Во разговорите посебно беше истакната потребата од поголема координација меѓу полицијата и останатите безбедносни служби на двете држави.
На средбата со Ципрас беше заклучено дека Македонија и Грција како соседни земји, мора да соработуваат бидејќи неопходна е синхрознирана акција на македонските и грчките институции со цел надминување на проблемите предизвикани од бегалската криза.
Церар: Словенија ја поддржува Македонија во справувањето со бегалската криза
Словенија целосно ги поддржува напорите на Македонија на јужната граница за справување со бегалската криза и заштитата на границата со Грција за што сведочи и присуството на словенечката полиција на македонско-грчката граница, истакна премиерот на Словенија, Миро Церар на денешната средба со Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, во рамки на учеството на Самитот во Лондон посветен на Сирија и регионот.
Церар потврди дека Словенија е отворена за соработка по сите прашања во врска со бегалската криза и дека словенечките институции се целосно на располагање. Воспоставена е и координација на институциите кои се задолжени со справувањето со мигрантската и бегалска криза.
Македонскиот претседател се заблагодари за отворената поддршка, како и за неодамнешното барање на Миро Церар до претседателот на ЕК, Јункер за европска поддршка за мерките и инструментите што Македонија ги презема за заштита на јужната гранична линија.
Двајцата соговорници ја истакнаа подготвеноста на Македонија и Словенија за интензивирање на соработката и продолжување на одличната координација на сите нивоа. Беа разменети мислења за севкупната состојба во Европа и регионот во однос на случувањата со бегалската криза и состојбите во Сирија.

|