Претседателот Иванов на средби со Генералниот директор на УНЕСКО, г-ѓа Ирина Бокова и Генералниот секретар на Меѓународната организација на Франкофонијата, г-ѓа Микаела Жан
Monday, 16 November 2015 20:01   
There are no translations available.

BokovaПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по денешното обраќање на лидерскиот форум во Париз, оствари одвоени средби со Генералниот директор на УНЕСКО, г-ѓа Ирина Бокова и со Генералниот секретар на Меѓународната организација на Франкофонијата, г-ѓа Микаела Жан, на кои беше изразена едногласна осуда на терористичките напади во Париз.

На средбата со г-ѓа Бокова, двајцата соговорници ја потврдија традиционално одличната соработка меѓу Република Македонија и УНЕСКО, и изразија подготвеност за нејзино проширување во насока на натамошна реализација на проекти, кои ја промовира‎ат Македонија како лидер за меѓурелигиски дијалог, соживот и почитување на различностите.

На средбата беа разменети мислења околу актуелните случувања во Македонија, регионот и Европа, информации за улогата на УНЕСКО во однос на бегалската криза, како и за тековните реформски процеси, но и предизвици во светската организација.

Претседателот Иванов и честиташе на г-ѓа Бокова за 70 годишниот јубилеј од основањето на УНЕСКО, и исткна дека Македонија и натаму ќе ја поддржува улогата на УНЕСКО во промовирање на мирот и безбедноста, како активностите во заштита на светското културно наследство и културната разновидност, вклучително и заштитата на човековите права.

„Македонија ги поддржува програмите на УНЕСКО и плановите за развој на образованието, ‎и правиме исклучителни напори за зачувување на културно-историско наследство кое го поседуваме", рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател изрази благодарност за поддршката која УНЕСКО континуирано и ја дава на Република Македонија и притоа го поздрави отворањето на двете катедри на УНЕСКО на Филозофскиот факултет за интеркултурни студии и истражувања и Школата за медиуми, основањето на повеќе клубови на УНЕСКО, вклучувањето на неколку училишта од Македонија во мрежата на УНЕСКО на „Здружени училишта", како и впишувањето на две културни добра на репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото.

На средбата г-ѓа Бокова истакна дека присуството на претседателот Иванов на 70 годишниот јубилеј од основањето на УНЕСКО непосредно по терористичките напади во Париз доволно говори за одговорниот пристап и вниманието кое претседателот Иванов го посветува на УНЕСКО, но и за солидарноста кон францускиот народ.

Посебен акцент во разговорите беше ставен на улогата на младите, и подготовката на млади лидери за иднината во сите области на живеењето. Бокова упати честитки за вниманието кое претседателот Иванов го посветува преку Школата за лидери и ја прифати поканата да учествува на Школата. Двајцата соговорници се согласија дека образованието за сите е клучно во справувањето со сите предизвици, со кои денес се соочува човештвото.

ZanНа средбата со ГС на Меѓународната организација на Франкофонијата, македонскиот претседател и честиташе на г-ѓа Жан за преземањето на функцијата Генерален секретар и истакна дека Македонија активно ја поддржува оваа асоцијација во нејзините активности насочени кон решавање на кризи, спречување конфликти и поддршка на земјите во зајакнувањето на правната држава и развојот на демократијата.

ГС на Меѓународната организација на Франкофонијата изрази задоволство од средбата со претседателот Иванов и се заблагодари за ангажманот на Република Македонија во промоција на вредностите на мирот, демократијата, човекови права, толеранција, солидарност, јазична и културна разновидност.

Посочувајќи ја свесноста за потребата од јакнење на присуството на францускиот јазик, претседателот Иванов на средбата порача дека Република Македонија и натаму ќе вложува напори за афирмација на франкофонските вредности и на францускиот јазик, што традиционално се негуваат во нашата земја. На овој план неопходна е поддршка и поинтензивна соработка со МОФ, додаде Иванов.

Претседателот Иванов упати покана до г-ѓа Жан да ја посети Република Македонија и да учествува на Меѓународната Школа за млади лидери, што на годишно ниво се одржува по иницијатива на македонскиот претседател.

г-ѓа Микаела Жан, го поздрави и назначувањето на личниот претставник во Постојаниот совет на Франкофонијата од страна на Претседателот на Република Македонија.

Република Македонија е полноправна членка на Меѓународната организација на Франкофонијата од 2006 година, а македонското учество во Франкофонијата позитивно се одразува и врз севкупните односи и соработката со Француската Република.

Во рамки на учеството на лидерскиот форум на УНЕСКО, претседателот Иванов денеска оствари неформални средби и со претседателот на Бугарија, г. Росен Плевнелиев, како и со поранешниот Генерален директор на УНЕСКО, г. Коичиро Мацура.

  Back<<Назад