Доделување на сертификати за стипендии од компанијата „Хуавеј“, на студенти од Република Македонија
Monday, 19 October 2015 13:15   
There are no translations available.

prm_huaweiПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше на настан за доделување на сертификати за стипендии од компанијата „Хуавеј“, на студенти од Република Македонија, за учество во програмата „Семиња за иднината".

Претседателот Иванов во своето обраќање истакна дека настанот е еден од плодовите на одличната соработка меѓу Република Македонија и Кина. Тој ги охраби студентите да учат и да се надградуваат.

„Искрено ме радува што ја искористивте можноста што нашите партнери од „Хуавеј“ ви ја понудија со програмата. Тоа ви овозможи да ги проширите вашите знаења и вештини од областа на ИТ технологии. Тоа е особено важно денес, во нашиот хиперповрзан свет на глобална и динамична економија, изложена на постојани промени, предизвици и можности", истакна претседателот Иванов.

Во тој контекст македонскиот претседател додаде дека „Хуавеј“ дава пример за општествена одговорност, и потсети дека компанијата во 2014 година беше главниот спонзор на обуката за млади лидери, што секоја година се организира во Охрид.

„Семиња за иднината" како програма ги поттикнува земјите од различни региони да учествуваат во градењето на дигиталното општество. Од 2008 година овој програм овозможува Хуавеј да соработува со локалните средини со цел да го сподели своето ИТ искуство.

Директорот на „Хуавеј Македонија“, Ли Хан посочи дека околу 1.000 студенти од целиот свет го посетиле и учеле во седиштето на Хуавеј. Некои од нив се приклучиле кон „Хуавеј“ или кон други компании.

„Хуавеј засадува долгорочни корени во Македонија, да го подобри инвестирањето и соработката во Македонија, развивајќи се заедно со социјалната и позитивно општествена одговорност, во 2015 година Хуавеј е единствен спонзор на Меѓународната регулаторна конференција 2015 во Македонија и единствен спонзор на македонската национална кошаркарска фондација Супер Куп", истакна Ли Хин.

Ова е првпат, рече тој, Македонија да учествува во ваков проект каде што студенти од пет различни универзитети кои студираат ИТ технологии имале привилегија да патуваат во Кина.

Од 12 до 26 септември, 10 студенти од 5 универзитети од Република Македонија, во Пекинг и Шенџен имале можност преку учество на разни работилници, практична работа и запознавање со експерти од Хуавеј да се стекнат со искуство од ИТ технологијата.
prm_huawei_1

  Back<<Назад