Средба со г. Мајкл Милер, Генерален директор на ООН во Женева
Thursday, 15 October 2015 11:10   
There are no translations available.

zeneva_OON1Надворешно политичките приоритети на Република Македонија и актуелната мигрантска криза со која се соочуваат земјите од Западен Балкан и Европа, беа темите на кои се фокусираа претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и Генералниот директор на ООН во Женева, г. Мајкл Милер на денешната средба во Женева.

Посочувајќи дека Македонија, односно Балканот е клучниот европски коридор за транзитирање низ Европа, македонскиот претседател истакна дека кризата укажува дека е потребна итна интеграциja на Македониja и земjите од регионот во безбедносниот систем на ЕУ, но и зголемена техничка и финансиска помош со цел справување со кризата.

„Република Македонија дава максимален придонес во надминувањето на кризата со мигрантите, делуваме усогласено со другите земји, посебно со земјите од регионот, се разбира, не загрозувајќи ја националната безбедност", рече претседателот Иванов. „Неопходна e засилена соработка меѓу државите во регионот во контекст на постојано информирање и превенција од заканите и ризиците од илегалната миграција", додаде македонскиот претседател реафирмирајќи ја идејата од основање на антитерористички центар на Балканот.

Двајцата соговорници изразија согласност дека се додека не бидат решени проблемите во кризните жаришта напливот на беглаци ќе постои и дека солидарноста и споделувањето на одговорноста меѓу државите во врска со овој предизвик мора да се покажат уште веднаш.

Во однос на македонското членство во Европската унија, претседателот Иванов посочи дека земјите членки на ЕУ, независно од прашањето за името, треба да и дозволат на Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ. „Република Македонија предолго е блокирана во евроатлантските интеграции, што создава тензии во политичкиот живот и меѓуетничките состојби во земјата", посочи претседателот Иванов.

Во тој контекст, на средбата беа разменети и најновите информации околу процесот за решавање на прашањето за името, при што претседателот Иванов посочи дека е потребна засилена активност од страна на ООН како покровители на процесот, и изрази надеж дека јужниот сосед ќе покаже поголема конструктивност во однос на воспоставување на политичкиот дијалог со цел подобро разбирање и надминување на билатералните разлики.

Г. Милер изрази очекување за проширување на соработката, и изрази подготвеност за натамошна поддршка на Република Македонија, преку проекти со цел надминување на актулените предизвиците.

На средбата беа разменети мислења околу политиките на ООН, како и за ангажманите и активностите на Република Македонија во рамки на меѓународната организација.
zeneva_OON2

  Back<<Назад