|
There are no translations available.
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Москва учествуваше на одбележувањето на 70 годишнината од победата над фашизмот, каде положи цвеќе пред споменикот на „Незнајниот јунак" и присуствуваше на свечениот прием кој го приреди претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин во Големиот дворец на Кремљ, и оствари повеќе средби.
За актуелната состојба во Република Македонија претседателот Иванов ги информираше Генералниот секретар на Обединетите Нации, г. Бан Ки-Мун, претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин, претседателот на Чешката Република, г. Милош Земан и останатите соговорници, со кои оствари средби во Москва.
На средбата со претседателот Путин беше искажано заемно задоволство од континуираниот позитивен тренд во билатералните односи и соработката меѓу двете земји. На интерес на претседателот Путин, претседателот Иванов го запозна со актуелните политички состојби и со клучните предизвици со кои се соочува Република Македонија. Рускиот претседател Путин искажа загриженост за состојбите во Република Македонија. Исто така, беше договорено политичкиот дијалог меѓу Република Македонија и Руската Федерација да продолжи во наредниот период, особено во насока на натамошно развивање на економските односи меѓу двете земји.
На средбата со претседателот Земан беше разговарано за билатералните односи и за продолжување на политичкиот дијалог, со размена на посети на највисоко ниво. Претседателот Земан искажа интерес за актуелностите во Република Македонија и евроатланските интеграциски процеси. Претседателот Иванов нагласи дека предолгата и неправедна блокада во евроатланските интеграции создава сериозни проблеми во внатрешните состојби во Република Македонија и апелираше за поодговорен пристап кон процесот на проширување и интеграцијата на Република Македонија и целиот регион, како предуслов за конечна консолидација, стабилност и просперитет во југоисточна Европа.
На средбата со кинескиот претседател, г. Си Џинпинг беше истакнато задоволството што на сите клучни теми од последната средба во Пекинг се евидентира позитивна динамика, а посебно задоволство беше изразено од нагорниот тренд во економската соработка меѓу двете земји. Беше договорено да продолжат и да се интензивираат контактите на сите нивоа и да продолжи и да се зголеми трендот во економските односи. Беше разговарано и за продлабочување на соработката во сферата на образованието, културата, науката и медицината.
На средбата со генералниот секретар на ООН, претседателот Иванов го запозна г. Бан со актуелните политички состојби во Република Македонија, потенцирајќи дека разликата со името, кое претставува пречка за нашите интеграции, влијае негативно на внатрешните состојби. На средбата со генералниот директор на УНЕСКО, г-ѓа Ирина Бокова, беше разговарано за соработката и планираните проекти меѓу Република Македонија и УНЕСКО, особено за дијалогот меѓу цивилизациите.
На средбата со британскиот пратеник, г. Николас Сомес, кој е внук на поранешниот британски премиер Винстон Черчил, беше искажан интерес за економските состојби во Република Македонија и успесите на економски план, како и за британските инвестиции во Република Македонија.
Во Москва, претседателот Иванов се сретна со Патријархот на Руската Православна Црква, г. г. Кирил. На средбата, двајцата соговорници разменија мислења и информации за повеќе актуелни теми од заемен интерес и беа разменети мислења за актуелностите поврзани со нашата црква.
Во рамки на свеченостите по повод одбележувањето на 70 годишнината од победата над фашизмот во Москва учествуваат и премиерот на Словачката Република, г. Роберт Фицо, претседавачот со претседателството на БИХ, г. Младен Иваниќ, словенечкиот министер за надворешни работи, г. Карл Ерјавец и други.

|