|
Средба со претседателот на Република Азербејџан г. Илхам Алијев
|
|
Tuesday, 28 April 2015 12:37
|
|
|
There are no translations available.
Одличните политички односи треба да се материјализираат со економска соработка, е заклучокот од денешната средба во Баку на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, со претседателот на Република Азербејџан, г. Илхам Алијев.
Двајцата претседатели разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, оценувајќи дека на 20-годишнината од нивното воспоставување се базираат на меѓусебно разбирање, пријателство и заеднички интерес за нивно натамошно проширување и продлабочување.
Заемна констатација беше дека одличните политички односи треба да се материјализираат со економска соработка и јакнење на трговската размена меѓу двете земји, како и иницирање на директни азербејџански инвестиции во македонското стопанство.
Во таа насока претседателот Алијев ја прифати поканата од претседателот Иванов за официјална посета на Република Македонија во наредниот период, а договорено беше надлежните институции како и бизнис заедниците на двете земји да ги продолжат и да ги интензивираат контактите.
Азербејџанскиот претседател го информираше претседателот Иванов за енергетските и гасоводни проекти, кои се во фаза на реализација и кои се планирани во Каспискиот регион (Тап и Танап), и притоа беше договорено во најскоро време да отпочнат консултации на таа тема. На средбата беше разговарано и за можни инвестиции во земјоделството и инфраструктурата, и за натамошна соработка на мултилатерален план, а беа разменети информации и за актуелните состојби во регионот на Југоисточна Европа и на Каспискиот регион.
Претседателот Алијев упати честитка за реформите и резултатите кои Република Македонија ги постигнува во економијата и бизнис климата. Претседателот Иванов ја прифати поканата од претседателот Алијев за учество на отворањето на Европските игри во Баку во 2015-та година.

|