|
Претседателот на ифтарска вечера во Дебар
|
|
Wednesday, 01 September 2010 00:00
|
|
|
There are no translations available.

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов присуствуваше на ифтарска вечера во градот Дебар, организирана од дебарското муфтиство. Покрај градоначалниците на соседните и други градови од Македонија, пограничиот албански град Пешкопеа, претставници на Македонската Православна Црква и Исламската Верска Заедница, старешините на дебарското муфтиство и на дебарската парохија, присутните ги поздрави и првиот човек на ИВЗ на Македонија, Реис ул Улема ефенди Сулејман Реџепи. - Навистина ми е чест да бидеме тука во Дебар, градот кој што има стара традиција за гостопримство. Заради тоа во разговорот со Претседателот на државата, дебарското муфиство го избравме за наш домаќин на ифтарска вечер на Претседателот, што станува традиција која ја почнавме лани од Гостивар и ќе ја продолжиме и во наредните години - порача Реџепи. За соживотот и вековната верска толеранција кои се одлики на Дебар, зборуваше и дебарскиот муфтија Ружди Љата, кој нагласи дека во дебарско со векови било така, така е и така ќе биде и во иднина. Заблагодарувајќи се на гостопримството Претседателот Иванов рече дека Дебар од секогаш бил пример како луѓето живеат сплотено. - Рамазан е месец посветен на милосрдието, на помош на луѓето на кои треба да им се подаде рака. Еден месец во кој не мислиме само на себе и на нашите потреби, туку сме повикани да мислиме и на другите. Се надевам дека ќе успееме да научиме да мислиме на нашите соседи, роднини и пријатели и во другите месеци - порача Иванов додавајќи дека со ваквите средини можеме најдобро да покажеме дека во Македонија секогаш се живеело заедно и оти така ќе се живее и во иднина. Претседателот Иванов претходно го посети седиштето на дебарската парохија во црквата „Света Петка“ каде го пречека намесникот Благоја Спироски. Претседателот имаше куса средба и со градоначалникот на Дебар Аргетим Фида, а ја посети и новата Сааткула-џамија.
|