|
Одржан Охридскиот пливачки маратон
|
|
Saturday, 14 August 2010 00:00
|
|
|
There are no translations available.
Петар Стојчев од Бугарија во машка и Карла Ситиќ од Хрватска во женска конкуренција се овогодинешните победници на Охридскиот пливачки маратон, кој се одржа под покровителство на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов. На 30-километарската патека „Климе Савин“, од Свети Наум до Охрид, Стојчев ја остави конкуренцијата зад себе, забележувајќи ја вкупно деветтата победа во своето сеумнаесетто учество на маратонот. На целта тој пристигна со време од 5 часа, 37 минути и 39 секунди, оставајќи ги зад себе Германецот Александар Стуѕински и Аргентинецот Дамиен Блаум. - Мене не ми одговара пливање во група, некаде кај Пештани успеав да се одлепам и до крај да ја задржам предноста. Се решив да пливам ваква трка за да нема никаков сомнеж во мојата победа, како што тоа беше во изминатите две години. Сепак секоја победа е подеднакво важна без разлика дали е остварена со секунда предност или со предност од педесет метри - изјави веднаш по пристигнувањето на целта Петар Стојчев. И додека победата на Стојчев беше очекувана, изненадувањето се случи кај дамите. Сосема неочекувано до победата стигна Крла Ситиќ од Хрватска. Нејзиното време на целта изнесуваше 5 часа, 47 минути и 18 секунди. Хрватската маратонка до победата стигна пред фаворизираните Естер Нуњез од Шпанија и Гиељо Пилар од Аргентина. - Немам зборови со кои би можела да го искажам чувството по оваа победа. Условите за пливање беа одлични, се надевам дека ќе дојдам и следната година да ја бранам титулата - изјави Карла Ситиќ. На целта прв на победниците им честиташе претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов. На 24-то издание на пливачкиот маратон, Македонија беше претставена од петмина пливачи. Најдобро пласиран од нив, на шестата позиција беше Евгениј Поп Ацев кој на целта стигна со време од 5 часа, 45 минути и 15 секунди. Од македонските натпреварувачи, Илиевски беше седумнаесетти, Младеновски позиција зад него, а Панчевски финишираше на дваесеттото место.
|