Честитка до Претседателот на Франција Никола Саркози по повод 14 јули
Wednesday, 14 July 2010 10:42   
There are no translations available.

По повод 14 јули, Националниот празник на Француската Република, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ја испрати следната честитка до Претседателот на Француската Република Никола Саркози –
Почитуван господине Претседател. Ми претставува особена чест и задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Националниот празник на Француската Република, со искрени желби за натамошен просперитет и благосостојба на Вашата земја.
Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да го изразам задоволството од досегашниот развој на односите и соработката меѓу нашите две земји, како и да го изразам своето убедување дека во иднина соработката ќе ја следи позитивна динамика и поуспешна и поплодна соработка во сите области од заемен интерес. Длабоко сум убеден дека односите на пријателство меѓу Република Македонија и Француската Република и во иднина, со заеднички ангажман успешно ќе се развиваат и продлабочуваат, за што ја искажувам нашата целосна подготвеност.
Почитуван Претседателе, улогата на Француската Република е исклучително значајна за интеграцијата на Република Македонија во европските и евроатлантските структури. Во тој контекст, сакам да ја повторам мојата благодарност за досегашната поддршка на напорите на Република Македонија на тој план, и убеден сум дека истата нема да изостане и во наредниот период.
Со такво уверување, Ви ги упатувам, господине Претседател, изразите на моето највисоко почитување.
Д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад