Иванов: Геноцидот во Сребреница опомена до идните генерации
Sunday, 11 July 2010 00:00   
There are no translations available.

Сите проблеми мора да се решаваат со дијалог, да не се користи насилство и злосторства за да се остварат суетите на одредени политичари, порачаа претседателите од регионот кои присуствуваа на комеморацијата по повод 15-годишнината од воените злосторства во Сребреница.
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов од меморијалниот центар Поточари изјави дека геноцидот во Сребреница е потресно сведоштво и опомена до сите идни поколенија дека конфликтите што завршуваат со вакви масакри никогаш не даваат резултати.
- Мора да се дојде до решение кое ќе го смислат луѓе што размислуваат со отворен ум. До вакви геноциди на нашиот простор и до злосторства кои неможат никогаш да се простат довеле затворени умови - рече меѓу другото денеска во Сребреница Претседателот Иванов.
На 15-годишната од масакрот што српските сили го извршија врз повеќе од осум илјади Бошњаци беа погребани 775 новоидентификувани тела. На овој чин меѓу другите почит оддаде и претседателот на Република Србија, Борис Тадиќ, кој оцени дека оваа страница од историјата не може да се затвори се додека не бидат осудени сите оние кои се виновни за злосторствата. На комеморацијата присуствуваа Претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина Харис Силајџич, членот на претседателството Жељко Комшиќ, турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, претседателите на Словенија и Црна Гора Данило Тирк и Филип Вујановиќ, Премиерот на Белгија Ив Летерм, Генералниот Секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд, министерот за надворешни работи на Франција Бернард Кушнер и голем број други политичари.
Во Меморијалниот споменик во Поточари близу Сребреница досега се идентификувани околу 3.500 тела.

  Back<<Назад