|
There are no translations available.
По повод 4 јули, националниот празник на Соединетите Американски Држави, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати писмо до Претседателот на Соединетите Држави Барак Обама. Следи текстот на писмото - По повод Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, ми претставува особена чест и задоволство, во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата пријателска држава и за благосостојба на Американскиот народ. Оваа свечена пригода ја користам за уште еднаш да ја потврдам доследната посветеност на Република Македонија кон негувањето на традиционалното пријателство со Соединетите Американски Држави, како и заложбите за полноправно членство на Република Македонија во НАТО, каде ќе продолжиме со успех да го градиме нашето досега повеќе пати докажано партнерство. Би сакал да упатам искрени честитки за ангажираноста на Вашата држава за достигнување на целите и вредностите кон кои заеднички се стремиме, како заложбите за воздигнување и воспоставување на мирот и безбедноста, економскиот просперитет и демократијата во светски размери. Заедничките ангажмани на нашите одбранбени сили во меѓународните мировни мисии ја потврдуваат силната, посветеност на двете земји на борбата против меѓународниот тероризам. Дозволете ми, господине Претседател, да ја истакнам искрената благодарност за силната и континуирана поддршка што Вие и Вашата држава ја укажувате за Евроатлантските интегративни процеси на Република Македонија, за нашето што поскоро членство во НАТО. Сакам да знаете, дека Република Македонија посветено, активно и конструктивно учествува во процесот со цел постигнување на заемно прифатливо решение за прашањето за името со нашиот сосед, Грција. Впрочем, тоа е и единствената пречка на патот на нашата евроатлантска интеграција. Очекуваме дека Вашата цврста поддршка ќе продолжи и во претстојниот период, со цел Република Македонија што поскоро да го завземе своето заслужено место во Северно-атлантската Алијанса. Тоа е во интерес на сите. Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам, господине Претседател, изразите на моето највисоко почитување. Нека Господ ја благослови Вашата голема нација. д-р Ѓорге Иванов
|