|
There are no translations available.
Вечерва во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија, во Скопје, се одржа ораторска вечер посветена на темата: „Науката и младите во Република Македонија", во рамки на одбележувањето на државниот празник 24 мај, Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, а воедно и ден кој оддава почит на нивната мисија и го слави ширењето на образованието и науката.
Со изразената поддршка на овој настан, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов ги продолжи своите заложби за поттикнување на научниот потенцијал кај младите луѓе, во насока на развивање на науката и унапредување на работата на научните установи.
На ораторската вечер, организирана од ПСУ „Алгоритам Центар", учествуваа повеќе ученици од средните училишта, меѓу кои од СУГС „Јосип Броз Тито", СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен" и ПСУ „Алгоритам Центар".
Во духот на возвишената мисија на светите браќа Кирил и Методиј, за слободно и рамноправно ширење на писменоста и науката меѓу народите, учесниците на ораторската вечер говореа за перспективите на младите луѓе во различни научни области. Дел од ораторите ги посветија своите говори на потенцијалите за надградување на знаењата и вештините во областа на природните науки, информатиката и компјутерските науки, а воедно и укажаа на потребата од константно поттикнување на натпреварувачкиот дух кај младите луѓе во сите научни области, со цел развивање и унапредување на науката во Република Македонија.
Одржаните говори на ораторската вечер, како и покажаните говорнички вештини, ги оценуваше комисија, формирана од претставници од ПСУ „Алгоритам Центар", СУГС „Јосип Броз Тито", СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен", претставник од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија и од Бирото за развој на образованието. Комисијата, по проследувањето на сите говори, го одбра најдобриот оратор на ораторската вечер, Стефан Стефановски, ученик во втора година во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен". По тој повод, ученикот Стефановски изрази голема благодарност до Претседателот на Република Македонија, за поддршката на ораторската вечер, и воедно изрази надеж дека оваа манифестација ќе премине во традиција. „Како ќе се вклопите во општеството, одлучувате сами. Човекот станува она со што ќе се здружи, а здружен со образованието станува комплетна личност", им порача ученикот Стефановски на сите млади луѓе.
Учесниците на ораторската вечер, искажаа искрена благодарност до Претседателот на Република Македонија за континуираната поддршка на настаните во кои младите луѓе имаат можност да ги развиваат интелектуалните вештини, а особено ораторските вештини, кои се исклучително значајни во секој сегмент на општественото делување.

|