|
There are no translations available.
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Отава одржа средби со Претседателот на Сенатот на Канада, Почесниот Ноел Кинсела, и со Претседателот на Долниот дом на канадскиот парламент, Почесниот Ендру Шиир.
На средбите претседателот Иванов со своите соговорници оцени дека двете земји ги карактеризираат одлични билатерални односи и позитивна развојна динамика на истите, без отворени прашања.
Претседателот Иванов го нагласи долгорочниот интерес на Република Македонија за интензивирање на политичкиот дијалог сo Канада преку размена на посети на високо ниво и во тој контекст ги реафирмираше поканите до Генералниот гувернер Дејвид Џонстон и до премиерот Стивен Харпер за посета на Република Македонија.
Претседателот на Сенатот, Кинсела, ја прифати поканата за официјална посета на Република Македонија во најскоро време.
На средбите е искажано задоволство од постигнатото ниво на парламентарна соработка меѓу двете земји, и беше поздравено неодамнешното формирање на Парламентарната група за пријателство со Македонија во канадскиот Парламент. Уверен сум дека позитивниот развој на парламентарната димензија ќе придонесе за натамошно интензивирање на соработката во сите останати области од заемен интерес, истакна претседателот Иванов, нагласувајќи ја подготвеноста и интересот на Република Македонија за јакнење на економската, културната и научно-образовната соработка. Во тој контекст, на средбата со претседателот на Сенатот е разговарано за конкретни проекти во областа на високото образование и изразена е заложба, во соработка со надлежните институции од двете земји, да се иницира отелотворување на истите во најскоро време.
Претседателот Иванов ги запозна соговорниците за актуелностите во процесот на разговорите за прашањето за името. Во тој контекст, претседателот Иванов ја нагласи конструктивноста на Република Македонија и изрази задоволство од зголемената динамика на процесот. Посочи дека пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг ја потврдува конструктивноста на Република Македонија, како и иницијативите за соработка со Грција.
На средбите е истакната значајната улога на македонската иселеничка заедница во Канада, како врска меѓу двете земји што и натаму треба да се одржува и зацврстува.
На средбите претседателот Иванов изрази посебен интерес за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, а во таа смисла и за зголемување на директните канадски инвестиции во Република Македонија. Претседателот Иванов го посочи и интересот за унапредување на успешната соработка во доменот на одбраната, како и во други области од заемен интерес, пред се културата, науката и образованието.
Македонскиот претседател искажа интерес за либерализација на канадскиот визен режим кон Република Македонија, како и за унапредување на договорната правна рамка помеѓу двете држави.
Претседателот Иванов со своите соговорници размени мислења и за состојбите во Регионот, нагласувајќи дека цел на Република Македонија е и понатаму да се подобрува заемната доверба во Регионот на Југоисточна Европа и да се промовира добрососедството. Претседателот Иванов своите соговорници ги запозна и со регионалните иницијативи „Процес за соработка на земјите од Југоисточна Европа" (ПСЈИЕ) и форумот „Дијалог на цивилизациите".
Во Армиската менажа на Отава (The Army Mess of Ottawa) се одржа прием на кој претседателот Иванов беше пречекан од Канадската свечена регимента и од г-ѓа Грета Хејл, Почесниот полковник на Пешадиската гарда на Генералниот гувернер на Канада, и на македонскиот претседател му подари специјален Свечен Меч со Посвета од Канадската свечена регимента.

|