Средба со претседателот на Уставниот суд на Руската Федерација, Валериј Зоркин
Thursday, 19 April 2012 22:33   
There are no translations available.

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов приреди работна вечера за делегацијата на Уставниот суд на Руската Федерација, предводена од претседателот на Уставниот суд, Валериј Зоркин, која е во официјалната посетата на земјата на покана на македонскиот Уставен суд.

На средбата стана збор за вкупните односи помеѓу Република Македонија и Руската Федерација, со акцент на воспоставената соработка помеѓу уставните судови на двете пријателски земји. Претседателот Иванов ја поздрави оваа прва посета на највисока делегација на судските власти во Руската Федерација, нагласувајќи дека со тоа се потврдува позитивниот тренд на меѓусебните односи кои се развиваат во духот на пријателство и во согласност со долгата историска и културна традиција меѓу двата народа.

Соговорниците, меѓу другото, разменија мислења и за идните чекори за унапредување и продлабочување на економската соработка, трговската размена и привлекувањето на директни руски инвестиции во Република Македонија, што е заеднички императив. Претседателот Иванов посочи дека во 2011 година билатералната трговска размена е значително зголемена споредено со претходните години, и нагласи дека Република Македонија високо ја цени руската стратегија за развој и соработката со земјите од овој дел на Балканот, особено во енергетскиот сектор, во чии рамки нашата земја има значајно место и активна улога.

Заеднички заклучок од средбата беше дека двете земји бележат континуиран динамичен развој во односите, како на политички, така и на економски и културен план.

Претседателот на рускиот Уставен суд, Зоркин, изрази благодарност за срдечниот прием. Тој до претседателот Иванов ги пренесе поздравите од рускиот претседател Медведев, како и подготвеноста и желбата на Руската федерација за понатамошна континуирана размена на искуства, вклучувајќи ја и академската и образовна соработка.


  Back<<Назад