Маја Иванова наградена со златен медал на форумот Кран Монтана | |
|
There are no translations available.
„Активностите што како сопруга на претседателот на Република Македонија ги преземав, се во областа на здравството, образованието и имаат социјален, но пред се хуманитарен карактер. Кога мојот сопруг ја презеде функцијата, почуствував дека можам да ја насочам својата енергија и своите активности, моето знаење и мојот ентузијазам за да поддржам, за да потикнам или реализирам иницијативи кои што ќе бидат за општо добро. Мојата цел ја насочив кон две сфери и тоа кон активности кон жените и кон децата, а посебно кон онаа најранливата категорија на децата со посебни потреби и со аутизам. Вложивме многу напори, многу иницијативи ги преточивме во проекти коишто добија своја реализација“, истакна сопругата на претседателот, г-ѓа Маја Иванова. Како што посочи г-ѓа Иванова, под нејзино покровителство беа отварањето на Центарот за сензорска терапија за децата со аутизам, како и отварањето на Детскиот ургентен центар. „Одовде можам да ви најавам и еден нов проект, една убава иницијатива што прерасна во реализација. За неколку дена ќе биде отворен и Центарот за интензивна нега на Детската клиника, проект што се одвиваше под мое покровителство што исто како и Ургентниот центар, се реализирани целосна финансиска поддршка на турската агенција ТИКА“, рече г-ѓа Иванова. За неа, сите награди што се добиваат се поттик да се продолжи понатаму, за реализација на други иницијативи и заложби. „Меѓутоа јас секогаш велам дека најголема наградата за мене, е кога ќе направите нешто за што ќе добиете една детска прегратка, еден детски бакнеж, или една детска насмевка, или кога ќе видите како едно здраво дете излегува од клиниката и се враќа во прегратките на своите родители, пријатели, баби и дедовци“, рече г-ѓа Иванова. Златен медал на форумот Кран Монтана се доделува на етаблирани имиња од меѓународната јавност како признание за постигнувања во насока на похуман свет. Сопругата на македонскиот претседател е вклучена во бројни активности што имаат социјален, образовен, здравствен предзнак, а пред се хуманитарен карактер и најмногу се посветени на децата, на нивното здравје и на нивните права, здравата исхрана и навики. Под покровителство на г-ѓа Иванова во Скопје беше отворен Центар за сензорна терапија на деца со аутизам, а ја предводеше и националната кампања за отворање на првиот Ургентен центар на Детската клиника, прв од таков вид во Република Македонија и регионот. Г-ѓа Иванова е покровител на повеќе проекти и иницијативи кои се однесуваат на жените, нивните права и женското здравје, меѓу кои серозевите кампањи, посветени на борбата против ракот на дојка.
|