Одликување со „Медал за заслуги за Македонија“ за извршниот директор на „ТАВ Аеродроми“ г. Сани Шенер
|
Понеделник, 04 Февруари 2019
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска со „Медал за заслуги за Македонија" го одликуваше г. Мустафа Сани Шенер, главен извршен директор и претседател на бордот на директори на „ТАВ аеродроми".
Медалот за заслуги се доделува на г. Шенер за исклучителната посветеност и ангажираност во своето работење и дејствување со што даде значаен придонес за развојот на македонската економија, како и за афирмација на Република Македонија во светот и унапредување на пријателските односи и соработката со Република Турција.
Претседателот Иванов на церемонијата на доделување на медалот рече дека благодарение на компанијата „ТАВ" и г. Шенер кој во екот на светската економска криза имаше храброст да инвестира во Република Македонија, скопскиот аеродром прерасна во регионален аеродром преку привлекувањето на повеќе патници, не само од нашата држава, туку и од соседните земји. „За да стигнат до многу светски дестинации, нашите граѓани мораа да полетуваат од соседните држави. Ваквата состојба се одрази и на инвестициската клима. Колку повеќе промени на летови за да се стигне до државата, толку е помала веројатноста на потенцијалните инвеститори да инвестираат во таа држава. И многу од тие нешта се сменија на 8 септември 2011 година. На денот кога Република Македонија ја празнуваше 20 годишнината од независноста, турската компанија „ТАВ" го отвори меѓународниот аеродром во Скопје. Заедно со Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле", скопскиот аеродром стана наша воздушна порта со Република Турција, со Европа и светот," истакна македонскиот претседател.
Г. Шенер се заблагодари за доделеното признание од страна на претседателот Иванов, додавајќи дека овој пример на странска инвестиција ги отвори вратите за можности за други инвеститори во Република Македонија.
„Добрите односи меѓу Турција и Македонија се навистина за восхит. Особено по нашата инвестиција, многу турски компании дојдоа и инвестираа во Македонија. Ова не прави толку многу среќни. Се чувствувам многу привилегиран и почестен што стојам тука пред вас и ја примам оваа награда", истакна во говорот пред присутните извршниот директор и претседател на бордот на директори на „ТАВ Аеродроми".
Компанијата „ТАВ Аеродроми" започна да управува со аеродромите во Скопје и во Охрид во 2010 година. Бројот на патници од 600 000 годишно во 2010 година, достигна 2.3 милиони патници годишно, додека бројот на директни летови до странски дестинации од 15 се искачи на 38. Скопскиот аеродром 3 години по ред добива награда за најдобар аеродром со најдобри услуги во категорија на аеродроми до 2 милиона патници на годишно ниво и е избран меѓу 10-те најдобри аеродроми во Европа од страна на престижните Скајтракс награди.
|