 Дваесет и осумгодишниот магистер Никола Златанов, докторант на Универзитетот на Британска Колумбија, е добитник на признанието „Најмлад научник“ за 2010 година што Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ја доделува за врвни научни достигнувања.
Инвестицијата во образованието и науката е најдолготрајна и најисплатлива. Иднината на нашата наука лежи во благовремената поддршка на сите млади кои се занимаваат со наука и во верификација на нивните постигнувања. Затоа, како Претседател на Република Македонија преку процесот на избор и доделување на признанието „Најмлад научник“ сакам да дадам придонес кон поддршката за развој на младата научна мисла, рече на доделувањето на признанието Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов.
 Претседателот подвлече дека науката, новите идеи се можност за нашите граѓани рамноправно да се натпреваруваат со остатокот од светот, бидејќи тие не познаваат граници, за што сведочи и добитникот на признанието. За идеите не постојат ограничувања, помали или поголеми земји, развиени или помалку развиени економии, побогати или посиромашни, помоќни или послаби. Природното право на слободна и креативна мисла никој не може да го ограничи или одземе. Оттука, нашите граѓани може рамноправно да се натпреваруваат во умешност, знаење, креативност и иновативност со остатокот од светот, изјави македонскиот Претседател. Претседателот Иванов истакна дека радува фактот што Златанов се определил со својата работа да продолжи во Македонија откако ќе докторира во Канада и изрази надеж дека тој пример ќе го следат и останатите млади научници и ќе се одлучат, како што рече, да творат под македонско сонце.
 Никола Златанов по добивањето на признанието истакна дека посакува во Македонија да се отвори академски фронт со зголемување на бројот на научни публикации во реномирани списанија што заедно со развојот на научната мисла ќе го подигне нивото на развиеност на македонското општество. Кога една страна, дали академската или општествената, ќе почне да ја стимулира другата ќе се развие еден повратен процес со меѓусебно стимулирање и надополнување. Но, некој мора да почне, или општеството со понуда на квалитетни услови за истражувања, или истражувачите кои преку својот ентузијазам ќе бидат иницијална каписла за забрзан општествен развој, рече Златанов.

Проектот „Најмлад научник“ се реализира со цел да се даде што поголема поддршка на науката, научните установи и младиот научен кадар, како и за изнаоѓање на начини за стимулирање на вложувањата во науката. Идејата е преку овој проект да се воспостави традиција за избор на најмлад научник и во наредните години, се со цел поттик на младата научна и истражувачка мисла во Република Македонија. На објавениот повик за учество се јавија 17 млади научници со 20-тина научни трудови.
 Никола Златанов е роден 1983 година. Дипломирал во 2007, а магистрирал во 2010 година на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот Свети Кирил и Методиј. Од ноември 2008 до јуни 2010 година бил вработен во МАНУ, а од септември 2010 е докторант и асистент истражувач на одделот за електротехника и компјутерско инженерство на Факултетот на Британска Колумбија во Ванкувер, Канада каде ја добива најпрестижната награда што се доделува за докторанти. Неговите сегашни истражувачки интереси припаѓаат во генералното поле на бежичните телекомуникации.
|