Обраќање по повод доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“ за 2016 година на Христијан Ѓорески
|
|
Почитувани гости, Дами и господа,
Имам особена чест и големо задоволство да ви се обратам по повод доделувањето на признанието „Најдобар млад научник" што се доделува за врвни научни достигнувања во една календарска година.
Оваа веќе традиционална манифестација која има за цел вреднување и стимулирање на младите македонски научници до 30-годишна возраст секоја година добива сè поголемо значење и важност. Токму високите достигнувања на пријавените кандидати сведочат за големиот потенцијал на младата македонска научна мисла. Комисијата која е задолжена за изборот на најдобар млад научник и која детално ги прегледува пристигнатите апликации може да посведочи за високиот квалитет на пристигнатите пријави. Не би сакал да ја испуштам оваа можност без да им се заблагодарам на членовите на комисијата, но и на рецензентите за нивниот придонес во целиот процес на селекција. Секако, голема благодарност и до медиумите без чија поддршка овој настан, но и младите македонски научници не би го добиле должното внимание.
Уверен сум дека со овој избор на најдобар млад научник придонесуваме за поттикнувањето на интересот и популаризирањето на младата македонска научна мисла. Покрај големиот талент кај нашите млади научници забележлива е и нивната креативност, посветеност и мотивација за понатамошна научна работа. Доколку, сакаме нивниот придонес да биде од корист на државата мора да направиме сè тие да ги заземат своите места во образованието, институциите, бизнис-секторот. Секако, нивниот научен пат често продолжува надвор од границите на нашата земја, но и тогаш контактите и соработката не смеат да престанат. Напротив нивното искуство од врвните образовни и научни институции во странство треба да биде пренесено и искористено и кај нас.
Почитувани,
Денес кога по седми пат ја доделуваме наградата „Најдобар млад научник" имаме добитник чиј главен интерес е „вештачката интелигенција". Особено сум импресиониран што интересот кон оваа област го води нашиот најдобар млад научник во изнаоѓање решенија кои би се користеле во здравството и во спортот. Токму оваа хумана димензија во научната работа на д-р Христијан Ѓорески треба да ни биде и потсетник дека сè што правиме треба да биде за и во полза на човекот. Без разлика дали се занимаваме со научна или општествена работа да не заборавиме дека сето тоа е во служба на човекот, на неговиот подобар и подостоинствен живот. А за развојот и за напредокот што го имаме како човечка цивилизација пред сè ѝ должиме на науката. Постојано жедни за нови знаења и трагајќи кон новото и подоброто, научниците секојдневно ги подобруваат нашите животи. Да бидеме благодарни за сè што имаат постигнато и да се гордееме што и македонските научници се дел од светската научна мисла.
Би сакал на крајот од моето денешно обраќање, на д-р Христијан Ѓорески и на сите други млади научници, кои беa дел од конкурсот, но и оние кои не се пријавија за изборот на „Најдобар млад научник" за 2016, да им посакам многу успех и долгогодишна плодна научна работа.
Благодарам.

|