Почитувани присутни, Дами и господа, Драги пријатели,
„Науката е имагинативна авантура на умот кој во светот на мистеријата трага по вистината", рече британскиот хемичар и нобеловец Норман Хиншелвуд.
Ако науката е авантура на умот, тогаш научниците се луѓе кои во своите истражувања и научни авантури се водени од љубопитност, храброст и дисциплина. Откривајќи ги научните вистини, тие во голема мера се заслужни за светот во кој живееме, технологиите што ги користиме, знаењата што ги применуваме, а без кои напредокот би бил незамислив.
И Република Македонија, која годинава треба да прославува четврт век независност, има свои научници кои се вклучени во глобалната потрага по вистината.
Имагинативноста, креативноста, хуманоста и вистинољубивоста на нашите научници веќе се вткаени во ризницата на знаењето на човечката цивилизација. Не се сомневам дека македонската наука допрва ќе го задолжува светот.
Денес, како претседател на Република Македонија, но и како универзитетски професор го имам задоволството, по шести пат да доделам признание на еден таков трагаач по научната вистина, д-р Михаела Ангелова.
Драги пријатели,
Секоја година имаме пријавени кандидати со високи достигнувања кои ѝ предизвикуваат тешкотии на комисијата за да го избере најдобриот меѓу најдобрите. Искрено им благодарам на сите нејзини членови за ангажманот во изборот на носителот на признанието „Најдобар млад научник". Особена благодарност и до рецензентите без чиј несебичен придонес целиот процес на селекција ќе беше невозможен. Заедно со комисијата завршија голема работа.
Убеден сум дека со изборот на најдобриот млад научник придонесуваме кон поттикнувањето на интересот за младата македонска научна мисла.
Креативноста и постигнувањата на нашите млади научници се доказ дека имаме голем потенцијал во сите научни области. Оттука, треба да направиме сè, младите научници да ги заземат своите места во образованието, институциите, компаниите во кои ќе можат најмногу да придонесат со својата научна работа.
Дозволете на крајот, на д-р Михаела Ангелова, но и на сите други млади научници, кои беa дел од конкурсот за избор на „Најдобар млад научник" за 2015, да им посакам многу успех и долгогодишна плодна научна работа.
Ви благодарам.
|