Почитувани присутни, Дами и господа, Драги пријатели,
Како човештво долго време верувавме дека со секое одговорено научно прашање ќе дојдеме поблиску до одговорите на вечните прашања. Сепак, статистиката кажува дека, во просек, со секое одговорено прашање се поставуваат барем пет нови прашања. Ако Сократ знаел дека ништо не знае, ние денес можеме да кажеме дека колку повеќе знаеме, толку помалку знаеме. Но, тоа не нè обесхрабрува, туку уште повеќе нè поттикнува да бараме нови одговори.
Стеблото на науката пушта сè подлабоки корени и сè поразгранети гранки кои се преплетуваат и даваат секогаш нови плодови. Само во текот на нашите животи сведоци сме на многу пронајдоци кои бргу ги прифативме и уште побргу ги заборавивме. Но, стекнатото искуство на новата, мултидисциплинарна наука стана клучот за развојот и за напредокот на државите и општествата.
Ако ја погледнеме историјата на науката, ќе забележиме дека најголем дел од иновациите и пронајдоците ги направиле поединци со отворен ум кои не робувале на догмите и на дотогаш воспоставените вистини. Најголем дел од нив биле млади и љубопитни луѓе жедни за знаење и творење. Со други зборови, тогаш кога на младите луѓе со отворени умови ќе им се овозможи да се занимаваат со наука имаме просперитет.
Ценети присутни,
Економски најразвиените земји во светот одамна го увидоа скриениот потенцијал на младите научници. Затоа, тие најмногу вложуваат во истражување и во развој, и имаат водечко место по бројот на иновации и патенти.
Како Претседател на Република Македонија, но пред сè како универзитетски професор, во секој поглед ја поддржувам науката. Затоа и го отпочнав проектот „Најдобар млад научник". Затоа, сме денес тука. Бидејќи цврсто веруваме дека инвестирањето во науката не е трошок, туку влог во развојот на Република Македонија.
Преку проектот „Најдобар млад научник", Република Македонија го препознава капацитетот на нашите млади луѓе кои се занимаваат со наука и со научни истражувања, и кои постигнуваат исклучителен научен резултат во земјава, но и во странство. Со инвестирање во науката и со поддршка на младите научници, сакаме Македонија да прерасне во земја на иновации и нови технологии кои ќе бидат двигатели на македонската економија.
Драги пријатели,
Секоја година, Комисијата се соочува со предизвикот, меѓу пријавените кандидати со вонреден квалитет да го избере најдобриот меѓу најдобрите. Им благодарам на сите членови на Комисијата за ангажманот во изборот на носителот на признанието. Им благодарам и на рецензентите, кои заедно со Комисијата завршија голема работа.
Од пристигнатите пријави за најдобар млад научник во овие 5 изминати години, можам слободно да заклучам дека станува збор за млади луѓе полни со иновативност, креативност, претприемаштво, знаење и моќ.
Годинава, наградата „Најдобар млад научник" ја доделуваме на магистер Даниел Денковски, исклучително талентиран и способен млад научник со големи капацитети, знаење и искуство во научноистражувачката работа. Верувам дека пред него се години и години научна работа на полето на електротехниката и информациските технологии.
Дозволете на крајот, на Даниел Денковски, но и на сите други млади научници, кои беa дел од Конкурсот за избор на најдобар млад научник за 2014 година, да им посакам многу успех и долгогодишна плодна научна работа и кариера.
Ви благодарам.
|