Почитувани гости,
Дами и господа,
Ми претставува чест и задоволство да ви се обратам по повод доделувањето на признанието „Најдобар млад научник" со кое се вреднуваат врвни научни достигнувања во една календарска година.
Ова признание успешно ја остварува целта – стимулирање на македонската наука и на младите македонски научници до 30-годишна возраст. Како еден од проектите на почетокот на мојот мандат, верувам дека наградата ги оправда очекувањата, давајќи охрабрување и поддршка на младата македонска научна мисла.
Секоја година, Комисијата се соочува со предизвикот, меѓу дваесетина пријавени кандидати со вонреден квалитет да го избере најдобриот меѓу најдобрите. Им благодарам на сите членови на Комисијата за ангажманот во изборот на носителот на признанието „Најдобар млад научник". Им благодарам и на рецензентите, кои заедно со Комисијата завршија голема работа.
Почитувани,
Со изборот на најдобриот млад научник, веќе 4 години по ред, придонесуваме кон развојот на младата македонска научна мисла. Република Македонија има голем потенцијал во сите научни области. Но, во потенцијалот треба да се инвестира. Оттука, треба да направиме сè младите научници да ги заземат своите места во образованието, институциите, компаниите, во кои ќе можат најмногу да придонесат со својата научна работа.
Годинава, наградата „Најдобар млад научник" ја доделуваме на досега најмладиот добитник, Петар Стојанов, кој има неполни 26 години. Пред него се години и години научна работа. Со самото тоа што своето образование и професионалната кариера Стојанов ја минува во САД, покажува дека за квалитетот и за отворениот ум не постојат граници и бариери. Се надевам дека покрај интернационалната кариера ќе имаме можност да го гледаме многу повеќе и во неговата матична земја, Република Македонија.
Нашите млади научници можат да се натпреваруваат со знаење и со креативност насекаде и со секого. Токму меѓусебната соработка на нашите научници, кои работат во странство, со оние што живеат и создаваат во Република Македонија ќе донесе вредност повеќе за нив самите, за македонската наука и за севкупното македонско општество. Во денешниот глобален и меѓузависен свет сите научници, без разлика од каде доаѓаат и каде работат, имаат можност за рамноправна промоција и презентација.
Полето на кое работи и истражува Петар Стојанов – биоинформатиката е извонредно значајна научна дисциплина. Таа е на врвот на приоритетите на истражувањата во областа на биомедицинските науки во напредните земји, и како таква интензивно ќе се развива и ќе се надградува. Оттука, верувам дека допрва ќе слушаме уште повеќе за научните достигнувања на Стојанов.
Дозволете на крајот, на Петар Стојанов, но и на сите други млади научници, кои беa дел од Конкурсот за избор на најдобар млад научник за 2013, да им посакам многу успех и долгогодишна плодна научна работа.
Ви благодарам.

|